Једличка: Признавањето на Либерленд од Србија и Хрватска е реално

Активистот и ,,претседател" на самопрогласената држава Либерленд, Чехот Вит Једличка тврди дека признавањето на Републиката прогласена по течението на Дунав меѓу Хрватска и Србија е реално и дека за тоа има позитивни сигнали од хрватското Министерство за надворешни работи, јави дописникот на МИА од Прага. 

Според неговата изјава за Чешката државна телевизија ЧТ 24, Либерленд која е замислена како земја на даночен рај, на двете балкански држави ќе им обезбеди економски раст, бидејќи во иднина ќе стане ,,Хонг Конг на реката Дунав".

,,Демократската Република Либерленд", која се протега на седум километри квадратни територија, на српско-хрватската граница, Једличка ја објави на 13 април.

Територијата која е всушност предмет на граничен спор меѓу двете земји, Једличка тврди дека е ничија земја.

- Имаме хартија од Министерството за надворешни работи на Србија, кој децидно вели дека за таа територија не се заинтересирани, а со тоа што Хрватите на другата страна направиле граница и инсистираат на неа, јасно зборува дека исто така не се заинтересирани, оцени Једличка.

Според хрватскиот портал ,,Дневник.хр" не е точно дека станува збор за ,,ничија територија" туку за хрватска сопственост. Експертите исто така сметаат дека не се работи за таква категорија туку едноставно во таа област се уште не е дефинитивно зацртана хрватско-српската граница.

Слично пишуваат и српските медиуми, сметајќи дека новопрогласениот лидер е член на ,,Партијата на слободните", (која се истакнува со ставови против ЕУ) и единствена цел му е да привлече внимание.

Во саботата, Једличка заедно со уште неколкумина негови пријатели биле приведени од хрватската полиција со образложение дека нелегално ја поминале границата меѓу Хрватска и Србија.

По една ноќ мината во притвор биле изведени пред суд кој им одредил поединечно по 300 евра парична казна.

 

 

Оцени ја веста

13.05.2015 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега