Онлајн медиумите се повеќе ги наплатуваат ексклузивните содржини

Бидејќи сите интернет медиуми во светот ги користат агенциските информации и се стекнува впечаток дека многу написи се „копи-пејст“ производи, се поголем број медиуми се одлучуваат својата оригинална содржина која ќе ја пласира новинар платен за тоа, да може да биде достапна само на тие кои се подготвени да платат за она што се смета една од најважните работи во денешниот свет, а тоа е точна и навремена информација. 

Онлајн медиумите се повеќе се вртат кон стратегија на наплата на ексклузивна содржина која постои во многу светски медиуми како што се „Њујорк Тајмс“, „Фајненшел Тајмс“, германскиот „Билд“...

„Билд“ е еден од ретките таблоиди кој се одлучи да наплатува содржини, бидејќи тој тип на медиум обично има голем приход од маркетинг, но поради кој многу е тешко да се дојде до информации поради разни реклами кои се појавуваат на сите страни и кои мора да ги прегледате пред да го прочитате она што ве интересира.

Еден вид на наплата на промовирање на содржини најавува и Фејсбук, па се почесто можат да се слушнат најави дека и оваа социјална мрежа ќе ги наплатува објавите на медиумите. Оваа промена веројатно најмногу ќе ги погоди медиумите кои целиот свој сообраќај го постигнуваат преку Фејсбук, а меѓу нив често се портали кои пласираат лажни и непроверени информации, што на корисникот на социјалната мрежа и тоа како му отежнува да разбере што се случува околу него. 

Медиумските аналитичари укажуваат на опасноста од раст на популарноста на тој вид медиуми кои не се транспарентни, немаат текстови што се потпишани од новинари со име и презиме, ниту пак нудат некакви податоци за одговорни лица во редакцијата и за сопствениците, и така без никаков страв можат да пласираат информации кои можат да предизвикаат меѓуеверска, меѓуетничка омраза и отворено да промовираат расизам, фашизам...

Од друга страна, тренд е дека корисниците кои сакаат информација зад која стои име и презиме на новинар и одговорност на уредник, мора да платат за таква информација.

Интернетот секогаш се доживувал како место на слободни информации, но бидејќи редакциите почнаа да се менуваат поради се поголемата доминација на онлајн медиумите, така и на медиумите ја плаќаат содржината да можат да ги финансираат новинарите кои сега работат и за печатени и за дигитални медиуми.

Во Бразил 22 отсто од граѓаните во 2014 година платиле за пристап на некој онлајн медиум, а од тие кои не платиле над 60 отсто најавуваат дека тоа сигурно ќе го направат во 2015 година.

Во Европа тие бројки се од осум до 15 отсто од тие кои веќе платиле, а од 10 до 25 отсто тие кои ќе го платат пристапот во 2015 година.

Некои медиуми ја заклучуваат целата содржина, еден дел од медиумите ја наплатуваат апликацијата, додека најголем број се одлучуваат да ја наплатуваат својата ексклузивна содржина која ја произведуваат новинарите на тој медиум, додека другите информации ги нудат бесплатно без наплата.

Истражувањата покажуваат дека од 45 најголеми глобални медиуми, 75 отсто ја наплатуваат содржината, од кои 40 отсто го наплатуваат пристапот на сите информации, а 60 отсто нудат одреден број на бесплатни натписи месечно или го наплатуваат она што е означено како премиум содржина.

 

 

Оцени ја веста

18.05.2015 - 09:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега