Груевски од Бразил: Македонија нуди најдобри услови за бизнис

Посетата на македонската владина делегација на Бразил е историски момент во развојот и зајакнувањето на политичките, економските, социјалните и културните односи меѓу двете земји.

Ова е заедничката оценка оценката на премиерот Никола Груевски и гувернерот на бразилската држава Сао Паоло, Алкмин Фиљо, по денешната средба на која посебен акцент беше ставен на економските теми и можноста за економска и трговска соработка, размена и инвестиции, но и соработка во сферата на информатичките технологии, образованието и во здравството.

- Македонија е многу важна земја во Европа, посебно за нас во однос на дополнување и унапредување на економските односи, а преку неа и со останатите европски држави. Бразил е ваш пријател и очекуваме да ги надградиме сите наши односи кои ги започнавме овде денеска, изјави по средбата Фиљо.  

Федералната држава Сао Паоло е економски најмоќната држава во Федеративната Република Бразил, а компаниите лоцирани на нејзината територија учествуваат во создавањето на 40 отсто од Бруто домашниот производ на Бразил. Градот Сао Паоло е финансиски, економски и индустриски центар на Бразил.

- Бразил е земја која што има голем подем, а Сао Паоло е една од најмоќните области не само во Бразил, туку и воопшто во Јужна Америка. Има многу компании што ги имаат надминато границите на националната економија и дури и границите на континентот Јужна Америка така што тие се повеќе бараат да направат бизнис и вложувања на други континенти, изјави премиерот Груевски. Истакна дека Македонија нуди едни од најдобрите услови за правење бизнис во Европа и оти целта на презентацијата во Бразил е да дадат повеќе информации за земјата пред бразилските компании за тие кога ќе решат да дојдат во Европа да ја изберат токму за Македонија како локација на нивните капацитети.

Премиерот Груевски на средбата со гувернерот Фиљо ги посочи и реформите што се спроведуваат во Македонија и поволностите кои се овозможуваат реализација на странски директни инвестиции. Се осврна на најниските трошоци за водење бизнис во Европа кои ги нуди Македонија, но и на проектите кои се реализираат во образованието, информатиката и администрацијата.

Гувернерот Фиљо позитивно ги оцени реформите и поволностите и истакна дека ќе го искористи својот авторитет и позиција да ги охрабри компаниите од Сао Паоло да се осврнат кон можностите за ширење на бизнисите и опциите кои ги нуди Македонија. Нагласи дека како федерална државна власт се расположени за соработка и поддршка на Македонија во повеќе сфери од заемен интерес.

Во Сан Паоло беше потпишан и Договор за соработка во областа на ИТ-технологии, а стана збор и за можностите за соработка во здравството.

Договорено е во иднина македонски лекари да се испратат на обуки во најголемите центри во Сао Паоло и можеби некои од најискусните лекари од Сао Паоло да дојдат во Македонија извесен период и да ги пренесат нивните искуства. Според премиерот Груевски, тоа ќе биде одлично искуство за македонските лекари бидејќи во Сао Паоло се наоѓаат најдобрите болници во Јужна Америка.

Договорот за соработка во областа на информатичките технологии, од македонска страна го потпиша министерот Веле Самак. Целта е унапредување на можностите за соработка на ниво на администрација во информатиката, реализација на проекти за унапредување на административните услуги, но и создавање на основа за соработка на компании од двете земји на заеднички проекти од оваа област.

Двајцата соговорници договорија во текот на идниот период да се разгледаат можностите за дополнителна соработка на конкретни проекти во поедини сфери, за што ќе се дефинираат приоритетните теми кои ќе се разработуваат етапно.
 
Груесвки и Фиљо разменија мислења за повеќе други прашања и теми од областа на економијата и јавните дејности

најчитано сега