„Ало докторе" - Телефонот не престанува да ѕвони

Околу 40 илјади повици се реализирани на телефонската линија за медицински совети „Ало докторе“, што функционира девет месеци.

- Само во текот на изминатата недела, регистрирани се вкупно 859 повици од граѓани низ целата држава, информира денеска Министерството за здравство. 

Со јавување на телефонскиот број (02) 15123 граѓаните може да добијат стручен медицински совет за одредена здравствена состојба, симптоматска терапија, а по потреба повикот може да биде пренасочен кон Службата за итна медицинска помош.

За функционирањето на телефонската линија „Ало докторе“, ангажирани се 22 доктори од повеќе различни специјалности.

- Во овој период, кој го карактеризираат повисоки температури, граѓаните често се јавуваат за медицинска консултација за покачен крвен притисок, стомачни болки и дијареа, стои во соопштението од МЗ. 

Регистрирани се и повици за поспецифични случаи, како на пример човек кој бил каснат од змија во потколеницата за време на престој во планинско место, веднаш се јавил на телефонската линија „Ало докторе“ и му биле дадени стручни совети како да постапи додека да стигне до најблиската здравствена установа. Регистриран е случај на повозрасна жена со појава на алергиска реакција со отежнато дишење и симптоми на гушење. Сосетката на жената ја повикала линијата „Ало докторе“ и им биле дадени совети за постапување додека да пристигне медицинска екипа на Итната медицинска помош.

Повикувачкиот центар е сместен во просториите на Итната медицинска помош до поликлиниката „Букурешт“, а бројот (02) 15123 е достапен 24 часа за граѓаните од целата држава. 

 

 

Оцени ја веста

22.06.2015 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа