Претседателот Иванов му пиша на Обама: Заслужуваме членство во НАТО

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама.

Почитуван господине Претседателе,

По повод 4 јули - Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Односите со Соединетите Американски Држави за нас се исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија.

Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на регионот, продлабочувањето на регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи остануваат да бидат највисоки приоритети но и предизвици на нашата надворешна политика. Имајќи ги предвид бројните безбедносни закани за регионот, пролонгираната status quo состојба во евроатлантската интеграција на Република Македонија веќе не е само политичко туку и безбедносно прашање. Затоа, искрено се надеваме на Вашата лична поддршка и поддршката од Соединетите Американски Држави во насока на добивање на заслуженото полноправно членство во НАТО.

На крајот би сакал да ја пренесам подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави - стои во писмото кое Иванов му го испрати на Обама.

Со такво убедување, дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување.

 

 

 

Оцени ја веста

03.07.2015 - 11:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега