Енгел: САД ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија

САД од секогаш биле добри пријатели на оваа земја и ќе продолжиме со нашата поддршка, изјави американскиот конгресмен Елиот Енгел, по средбата во Скопје со премиерот Никола Груевски. Енгел, кој е во посета на земјава придружуван од делегација од претставници на Албанско-американската заедница, изјави дека Македонија може да биде пример за соживот во мултиетничко општество. На новинарско прашање истакна дека е оптимист оти политичката криза во земјата наскоро ќе биде решена. - Јас секогаш сум оптимист и обично тоа дава резултати. Немам совет за премиерот или за кој било друг, но се надевам дека оваа криза треба да биде разрешена што е можно поскоро, бидејќи колку повеќе се одолжува ќе биде потешко за справување со вистинските проблеми. Затоа се надевам дека тоа ќе биде направено што е можно поскоро, вели Енгел. Запрашан што мисли за спорот за името со оглед неодамнешната посета на Коѕиас и манифестираниот помек став на актуелната грчка Влада во однос на ова прашање, како и изјавата на Мендух Тачи дека на маса за време на разговорите за политичката криза се и решенија за името, Енгел со став дека овој спор може да се реши со компромис. - Се надевам дека спорот за името ќе биде решен. Првпат дојдов во Македонија 1993 година и тогаш разговарав со претседателот Глигоров по што и двајцата изразивме уверување дека овој спор ќе биде решен многу скоро. Денес еве сме тука после толку години, а спорот за името не е решен. Се надевам дека со оглед на тешката криза во Грција дека сите ќе сфатат оти има многу поважни прашања од името. Затоа се надевам дека двете страни ќе постигнат компромис и дека спорот за името може и треба да се реши. Се надевам дека ова што го слушнавте е добар знак, рече Енгел. Американскиот конгресмен, кој е член и на Комитетот за надворешни работи во американскиот Конгрес, денеска порано се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, а попладнево ќе има средба и со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

 

 

Оцени ја веста

03.07.2015 - 17:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега