Иванов: Доаѓа време на отрезнување и освестување

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во денешното обраќање до граѓаните го поздрави постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии и повторното воспоставување на политичкиот дијалог во рамки на институциите на Република Македонија.

- Очекувам во најкраток можен рок, да се нормализира политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите на Република Македонија. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Затоа, европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија, истакна Иванов.

Доаѓа време на отрезнување и освестување, порача шефот на државата, додавајќи оти следува период кога сите институции треба да го покажат својот капацитет и подготвеност да се справуваат со сето она што го попречува нашиот евроатлански пат.

- Партиите, да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности. Сите треба да извлечеме поука од оваа криза, вели Иванов.

Искажа благодарност до претставниците на Европската комисија и Европскиот парламент, како и до амбасадорите на ЕУ и САД, што вложија многу напор, како и за тоа што во вакви моменти имаме пријатели кои мислат за иднината на Република Македонија.

- Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам, Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најбрзо време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен предуслов запродолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина. Многу пати досега, повикував на дијалог и институционално решавање на сите несогласувања, посочувајќи дека враќањето на довербата на граѓаните во државните институции е клучно за демократијата во Македонија. Отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите, се во основата на секоја криза што сме ја имале досега. Затоа, повикувајќи се на овој позитивен исчекор сметам дека сум должен повторно да повикам дека јас, како Претседател останувам отворен за сите добронамерни иницијативи во интерес на граѓаните и државата. Вратата на претседателскиот кабинет останува отворена, нагласи Иванов.

На крајот од обраќањето до граѓаните, македонскиот претседател изрази надеж дека одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт, туку натпревар на идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Република Македонија. Суштината на политичката  борба не се личните суети и кариери, туку битка за просперитетна и европска Македонија, порача претседателот Ѓорге Иванов.

 

 

Оцени ја веста

15.07.2015 - 17:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега