Младите македонски кошаркарки ќе ги измерат силите со Велика Британија

 Македонската женска кошаркарска репрезентација до 20 години вечерва во 19:30 часот ќе се пресмета со Велика Британија. Со овој натпревар македонските кошаркарки ги започнуваат настапите на Европското првенство Б дивизија кое се одржува во бугарскиот град Албена.

Кошаркарките предводени од селекторот Александар Домлевски од понеделникот се во Бугарија и веќе ги одработија тренизните и последните подготовки пред овој шампионат.

Вкупно девет репрезентации ќе се борат за првите три места на табелата кои ќе обезбедат пласман во А-дивизијата.

Македонија последен пат играла со Велика Британија во 2010 година на првенството во Кавадарци. Тогаш Велика Британија победи со минимални 70:69.

Пред натпреварот помеѓу Македонија и Велика Британија кој ќе се игра во вечерниот термин, на денот на отворањето ќе играат уште и Чешка - Летонија, Португалија - Израел и Бугарија - Белгија.

Според распоредот, Македонија ќе игра уште две средби во наредните два дена и тоа против Израел утре и Романија в сабота. Недела е слободен ден, а во текот на наредната седмица ќе се доиграат останатите пет натпревари.

За Европското првенство, селекторот Александар Домлевски на располагање ги има следниве кошаркарки: Ива Крстевска, Арин Агиќ, Лефтерија Темелкова, Александра Стојановска, Анжелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска, Софија Лазареска, Драгана Јоловиќ, Александра Иванова, Маја Павловска, Ангела Давиткова и Ивона Пејковска. 

најчитано сега