Владата го услови увозот на пченица и брашно - Србија се заканува дека ќе го возврати ударот

Владата донесе одлука да се воведе мерката за заштита на пазарот на пченица и брашно, со  врзување на количините на увоз на пченица и брашно со откуп на домашна пченица. 

Одлуката предвидува за увезен еден килограм пченица да се откупат три килограми домашна пченица, а за еден килограм увезено брашно да се откупуваат четири килограми од пченицата од домашно производство.

Одлуката, информираат од ресорното Министерство, ќе почне да се применува од датумот на излегување на одлуката во Службен весник и ќе важи до 31 декември годинава.

- Мерката треба да овозможи постигнување на редовниот пазарен еквиблириум помеѓу понудата, односно очекуваното производство и количините увезена пченица и брашно од една и вкупната побарувачка на пченица од друга страна. Како резултат од воведување на мерката се очекува непречено одвивање на откупот на основниот прехранбен производ за населението на Република Македонија, пченицата од овогодинешната реколта, истакнуваат од македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од друга страна, српските власти сметаат дека со воведувањето на оваа мерка се нарушува принципот на слободна трговија и се закануваат со воведување на реципрични мерки кои би се однесувале на увозот на македонското вино и домати.

Српскиот министер за трговија Расим Љајиќ за „Блиц“ изјави дека бараат итна седница на ЦЕФТА, а доколку не успеат со тоа, ќе бидат принудени да преземат реципрочни мерки. Тој појаснува дека реципрочните мерки би се однесувале на увозот на вино и домати од Македонија.