Македонија ќе добие британска помош за усогласување со директивите за услуги на ЕУ

Услужниот сектор во Македонија има потенцијал, особено во поттикнувањето на економскиот развој, но се уште не е доволно искористен. Сепак, земјата од нето-увозник на услуги во периодот 2001-2005 година, стана нето-извозник и бележи поголем извоз од увоз во трговскиот биланс, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини по денешното потпишување Меморандум за разбирање со британскиот амбасадор Кристофер Ивон. Со Меморандумот почнува проектот чија цел е усогласување на македонското законодавство во услужниот сектор со европската легислатива, вреден 41 илјада фунти.

- Учеството на трговијата со услуги во вкупната трговија бележи слаб, но постојан раст и во 2012 година изнесуваше 16,7 отсто во вкупната размена. Транспортните, туристичките и професионалните услуги имаат најголемо учество во структурата на вкупниот извоз и увоз на услуги, рече Сарачини.

Според амбасадорот Ивон, проектот е многу важен за бизнисите зашто ќе ги олесни постапките, ќе ги направи многу поефикасни и ќе овозможи електронско добивање лиценци. Тоа воедно ќе ги намали трошоците и времето на чекање.

- Во овие економски услови особено е важно на бизнисите да им се обезбедат вакви поволности за што е многу битна и поддршката од државата, нагласи Ивон.

Сарачини информира дека е во тек изготвувањето закон за услуги во кој ќе бидат содржани општите принципи од директивата. Со законот што за еден месец треба да влезе во процедура, се предвидува воспоставување „единствена точка за контакт“. - Ова звучи едноставно, но во суштина е комплексна обврска која бара опсежна анализа на регулативата поврзана со системот на лиценцирање, како и утврдување на најдобриот начин за нејзино организирање, посочи министерот.