СДСМ бара ребаланс на Буџетот - погледнете ги нивните забелешки

Социјалдемократскиот сојуз бара Владата рано наесен да направи ребаланс на Буџетот бидејќи смета дека постојниот буџет е неостварлив. 

- Ребалансираниот буџет ќе мора да содржи намалување на буџетската потрошувачка, бидејќи дефицитот на крајот на годината ќе биде преголем, односно поголем и од планираниот од 3,5 проценти од БДП, рече денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов. 

Платите и социјалните давачки, предлага СДСМ, треба да останат на исто ниво, а да се направи кратење на непродуктивните расходи.  Бараат и запирање на задолжувањето, изготвување стратегија за раководење со јавниот долг, создавање реални услови за поттикнување на домашните инвестиции. Барањето за ребалансот СДСМ го темели на анализата за состојбата во економијата во првата половина од годината што ја презентира Узунов. Порастот на БДП од 2,9 проценти во првиот квартал, според него, не се должи на „позитивни и одржливи придвижувања, туку на енормно трошење буџетски средства и  ниска споредбена основа со првиот квартал лани“.

- Владата, заклучно со мај лани направила буџетски дефицит од 80 милиони евра, а годинава од околу 200 милиони евра. Веќе „е изеден“ огромен дел од планираниот буџетски дефицит за целата оваа година,  рече Узунов, дополнувајќи дека вкупната задолженост на Македонија до април годинава во однос на декември лани пораснала двојно повеќе, на 6,72 проценти.

најчитано сега