БДП продолжува да расте благодарение на капиталните инфраструктурни проекти

Македонката економија е жилава. Очекувањата на експертите за продолжување на растот на бруто домашниот производ, и покрај ударот кој го зададе политичката криза во земјава, се покажаа реални. Растот на БДП, иако помал во споредба со првиот квартал продолжува, најмногу благодарение на капиталните,инфраструктурни проекти, извозот поттикнат од странските инвестиции и зголемената потрошувачка, анализира Лидер.

Државната статистика покажа раст на БДП од 2,6% во вториот квартал, наспроти оној од 3,2% во првиот квартал од годинава. За експертите- инфраструктурните проекти, порастот на потрошувачката на населението, зголемениот извоз се факторите што условија пораст на стапката на бруто домашниот производ. Статистиката упатува на континуитет во остварувањето на стапките на пораст на БДП што ги имавме минатата година, последователно во четири квартали, како и во првиот квартал од годинава.

Податоците покажуваат пораст кај речиси сите параметри. Генератор на економскиот раст во вториот квартал се финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,8%, стручни, научни и технички дејности административни и помошни услужни дејности од 12,6%, додека градежништвото бележи зголемување од 6,2%. Во овој период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 8,3 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа раст во номинален износ од 2,7 отсто.

Поради неизвесноста што ја донесе политичката криза, експертите предупредија дека во вториот квартал може да се забележи мало забавување на економијата, но податоците кои ги објави Државниот завод за статистика, се повеќе од охрабрувачки.

„Секако, не може да се занемари податокот дека во вакви услови, во услови на криза какви што беа во изминатите 7 – 8 години кои што директно и индиректно ја зафатија македонската економија, преку индустриското производство и пораст на стапката на БДП, покажа една латентна способност да се спротивставува на ризиците и притисоците од економската криза и сепак да создава позитивни резултати кои посебно се манифестираат во изминатите две три години“, смета универзитетскиот професор Томе Неновски.

Аналитичарите се согласни дека растот на БДП резултат на одредени активности во економијата, а пред се во засилената јавна потрошувачка во изградба на инфраструктурни објекти во земјава, пред сѐ патишта, регионални патишта и автопати. За растот на БДП придонесува и финалната потрошувачка на населението, како и порастот на извозот, кој во првите шест месеци годинава забележа скок од 11,6%.

„Имаме раст на БДП, што значи имаме економска активност и во услови на криза се задржува, опстојува, иако знаеме дека и во Европа и во земјите со кои што Македонија соработува се уште има пострецесиски влијанија. Овде имаме позитивни движења кои што создаваат услови за отворање на нови работни места , што значи имаме економски влијанија, макроекономска стабилност која што се одржува на подолг период и мерки кои што се насочени кон поттикнување на инвестициите, и домашни и странски“, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Македонија со најдобри стапки на раст во Европа и регионот

Надлежните најавија продолжување на економските политики, во насока на уште поголем раст и развој. „Ние ќе продолжиме со нашите политики за стимулирање на извозот, за подобрување на бизнис климата и за давање што поголема поддршка на бизнисот и на компаниите, затоа што тие се генераторот на отворање нови работни места. Јас сум задоволен што имаме сериозен раст – еден од десетте најдобри во Европа и очекувам во следните квартали да имаме висок економски раст“, изјави неодамна премиерот Груевски.

Во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд се нотира дека  економскиот раст годинава ќе биде 3,2%, но како ризици остануваат домашната политичка состојба, како и кризата во Грција. Од друга страна, и со ребалансот на буџетот и намалување на прогнозата за раст на македонската економија од 4 на 3,5%, бројки кои се совпаѓаат со проекциите на Светска банка и ЕБРД, Македонија ќе ја задржи лидерската позиција во регионот, но и во Европа. Во споредба со соседите, Македонија според прогнозите годинава повторно ќе забележи најголем економски раст, благодарение на економските политики и перформанси како и директните странски инвестиции.

Според Светска банка, македонската економија годинава ќе има раст од 3,5%, следната 3,8%, а во 2017 година ќе достигне 4%. Растот на БДП во Албанија е проектиран на 3% за годинава, на 3,5% следната и на 2% во 2017 година, во БиХ растот се предвидува да изнесува 2% годинава, 2,3% наредната и 2,9% во 2017 година. Во Бугарија за годинава е проектиран раст од 1,1%, до година 2 и во 2017 година е 2,7%. Косово се предвидува да има раст од 3% на БДП годинава, 3,5% следната година и 3,7% во 2017 година, Црна Гора годинава ќе има раст од 3,4% и 2,9% следните две години, а Хрватска годинава ќе има раст од 0,5%, 1,2% во 2016 и 1,6% во 2017 година. Србија ќе биде единствена земја во регионот на која и се предвидува пад од 0,5% за годинава и раст од 1,5% следната и 2% во 2017 година.

 

 

Оцени ја веста

20.09.2015 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега