Попоски оствари средби со јапонски бизнисмени и политичари

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, денес во рамки на неговата работна посета на Јапонија оствари поединечни средби со челните луѓе на Јапонската организација за надворешна трговија (Japan External Trade Organization - JETRO) и со најголемата стопанска комора на Јапонија КЕИДАНРЕН.

Воедно, Попоски беше домаќин и на работен ручек со парламентарниот заменик министер за надворешни работи, Мики Јамада, на кој присуствуваа повеќе пратеници од јапонскиот Диет.

-На работниот ручек се разговараше за европската и евро-атланската интеграција на Република Македонија, актуелните европски и регионални случувања поврзани со мигрантско-бегалската криза, економските состојби воРепублика Македонија и можностите за зголемување на билатералната соработка со Јапонија, особено на планот на економскиот развој и инвестиционата соработка, туризмот, образованието и здравството. Министерот Попоски истакна дека Република Македонија е една од ретките европски држави кои стипендираат домашни студенти кои ќе се запишат на некој од 100-те најдобро рангирани универзитети во светот, меѓу кои има и јапонски универзитети. Поради тоа, министерот изрази уверување за зголемување на бројот на студенти од Македонија во блиска иднина кои своето образование ќе го завршуваат токму во Јапонија, се вели во соопштението од МНР.

На економските средби најголем акцент се посвети на претставување на инвестициските можности и поволности што ги нуди Република Македонија на странските инвеститори. Попоски ја истакна економската стабилност на Македонија како главна предност во време на финансиска криза.

Ги потенцираше сите реформи спроведени во сегментот на привлекување странски инвестиции, преку реформирање на сите засегнати сектори за имплементација на што поголеми олеснувања во процедурата на отворање и водење на странска компанија во Република Македонија. Воедно, го истакна континуираниот напредок на државата во извештајот Doing Business на Светска Банка, како доказ за посветената работа и напредокот во спроведување на реформи во областа на економијата. Исто така, тој истакна дека преку привлекувањето на странски компании кои веќе оперираат во Македонија, главно од Германија, Австрија, САД, Велика Британија, Италија, државата отворила 60.000 нови работни места и го зголемила извозот.

Вечерва, министерот Попоски ќе присуствува на свеченото отворање на амбасадата на Република Македонија во Токио, а неговата работна посета на Јапонија продолжува и утре, со реализација на неколку билатерални економски средби.

 
 
28.10.2015 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега