Собраниската расправа за иселувањето од Македонија продолжува задутре

Собранието на Република Македонија во петок ќе ја продолжи расправата по Информацијата за проблемот со се поголемото иселување, особено на младите, што ја поднесоа опозициските пратеници. Информацијата е последна точка од дневниот ред на 67 седница, а нејзиното разгледување почна попладнево. 

Во Информацијата стои дека вкупно 447.000 македонски граѓани се иселиле од државата од кои преку 230.000 во ЕУ и САД што е над 10 отсто од населението, а Светска банка ја рангира Македонија на 23. место од вкупно 25 земји со најмногу мигранти. 

Изнесувајќи и други податоци за тоа колку и каде се денес живеат наши граѓани, како и дека повеќе од 200.000 имаат бугарски пасош, опозицијата оцени дека Македонија полека станува држава на стари лица и пензионери, а иселувањето, особено на младите и на стручните кадри е масовно. ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли ваквите тврдења со став дека миграцијата е глобален проблем, тренд секаде во Европа и Македонија не е исклучок, но, последниве години, напуштањето на државата евидентно се намалува пред се поради отворените 144.000 нови работни места. 

Според ВМРО-ДПМНЕ, причина за иселувањето од земјава не е финансиската состојба како што обвинува опозицијата, туку кринимналната приватизација од времето на СДСМ. Бројката, пак, на иселени 447.000 лица прикажана во Информацијата, се однесува на периодот од 1960 до 2010 година.

 

- ВМРО-ДПМНЕ да каже дали во 2013 година од Македонија се иселија преку 20.000 лица, а во 2001 кога беше конфликтот 8.560. Овие и останатите бројки кои укажуваат колку граѓани ја напуштиле Македонија се најголемиот шамар за владејачката партија, нагласи Горан Мисовски од НСДП. 

Наместо подобар животен стандард, здравствен и образовен систем, состојбата во Македонија на политички, социјален и демографски план, рече Мисовски, е катастрофална. Младите веќе не ја гледаат перспективата тука, не сакаат никој врз нив да врши притисок, ниту да им го потценува знаењето. 

На тоа реплицираше Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ со напомена дека мора да се разграничи кога почнало ислеувањето, кога процесот бил најмасовен и од кои причини. Притоа, рече, да се користат релевантни извори и конкретни бројки, а не паушални нафрлања.

- Првите иселувања кај нас се случуваат во 60-тите години на минатиот век, кога си заминале 111.617 лица, потоа во 90-тите години по неуспешната транзиција и приватизација кога земјата ја напуштија 120.000 жители. Третото поголемо иселување е во 2002 година кога заминале 15.000 луѓе. Трендот се намалува во последните пет години. Единствен начин за борба против ова зло е отворањето нови работни места. Тоа го покажа ВМРО-ДПМНЕ со отворањето 144.000 нови работни места, подвлече Мукоски.

Последните десетина години, додаде, Романија изгуби 1,5 милиони жители, Бугарија 577.000, Србија 300.000, а Германија 120.000 луѓе. Ова покажува дека миграциските движења се генерален тренд. 

Илија Димовскии порача на опозицијата да не се прикажува како душегрижник зашто во времето на нејзиното владеење беа затворени преку 600 фабрики и 200.000 луѓе останаа работа. Во однос на вадењето бугарски пасоши, пак, посочи дека тенденцијата се намалува, од  2.933 во 2006 година на 127 во 2013-та. 

- Сите параметри во економијата ви одеа надолу. Единствен начин да се задржат луѓето во државата е да се отвораат работни места, а ние тоа го правиме. Отворивме 144.000 нови работни места, а што направивте вие?, праша Димовски и нагласи дека во 2004 година, 2.302 Македонци земале бугарски пасош, во 2005-та 2.444, во 2006-та 2.933, во 2007-ма 3.247, во 2008-ма 3.637, а од 2009 до 2013 година бројките се 427, 439, 272, 285 и 127.

Нарекувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ директен виновник за иселувањето на граѓаните, особено на младите луѓе и на стручните кадри, Горан Сугаревски побара веднаш да се стопираат скапите проекти како панорамското тркало вредно 20 милиони евра, и тие пари да се пренаменат во активни мерки за вработување. 

Сугаревски обвини и дека актуелната владејачка структурата ја наметна праксата на вработување со партиска книшка. 

Реплицираше Димитар Стевананџија со став дека додека СДСМ дава паушални оценки, ВМРО-ДПМНЕ зборува со факти.

- Зголемените пензии, студенстките стипендии, субвенциите, новите ТИРЗ,..., се факти и дела, дел од реализираната програма на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти затворените 684 фирми. Тогаш бевме мали деца, кога нашите родители беа сведоци на криминална приватизација, а многу соседи и пријатели ја напуштија Македонија зашто немаа работни места, ниту знаеја за странски инвестиции, збор кој воопшто не постоше во нашиот лексикон, рече Стевананџија.

Според Влатко Ѓорчев, иселувањето е вонредно значајна тема за Македонија и во никој случај не треба да се злоупотребува за евтино прибирање политички поени. 

- Немојте да правите дневна политка од нешто што е многу важно и што е тренд секаде. Нема држава во Источна Европа која изминатите 25 години нема загубено население, укажа Ѓорчев, посочувајќи ги како примери Полска, Литванија, Латвија, Германија, Бугарија,..., нагласи Ѓорчев.

Софија Куновска од СДСМ рече дека е чудно, како приватизацијата од 1999 година дава резултати во 2015-та. - Ниту еден млад човек веќе нема дилема дали да замине од Македонија и како еден родител да остане во оваа земја ако неговото дете учи во школо кое нема струја и греење. Тоа се случува денес, тоа е нашата реалност, посочи Куновска, додавајќи со парите за спомениците власта можеше да реновира 246 училишта. 

- Дискусиите на опозицијата се театрални, човек да помисли дека во Македонија веќе нема жив човек, забележа Антон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека СДСМ нема легитимитет да зборува за подобра економска состојба зашто во свое време не вработи никого.

Во текот на неколкучасовната расправа, опозицијата укажа и дека сме единствена земја заедно со Сомалија која нема спроведено попис на населението. На тоа ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека пописот не е единствениот начин за утврдување на реалниот борј жители.

Утре во Собранието на дневен ред се пратенички прашања што е вообичаена пракса за секој последен четврток во месецот

 
 
28.10.2015 - 19:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега