Совети за здрава бременост

Без разлика дали сакате бебе или не планирате да забремените во блиска иднина, важно е да преземете чекори за заштита на плодноста.

Идеална телесна тежина

Ако имате вишок килограми, тогаш постои ризик за појава на дијабетес, хипертензија и кардиоваскуларни заболувања. Покрај тоа, регулирањето на телесната маса може да ја подобри способноста за забременување. Индексот на телесната маса меѓу 18,5 и 24,9 е најдобар индикатор на идеалната тежина и оптималната плодност. Една студија на американски научници потврди дека зголемувањето на телесната тежина по породувањето го продолжува периодот до втората бременост, бидејќи жените потешко забременуваат. Вишокот и недостигот на килограми ја нарушува хормонската рамнотежа во организмот, а особено се одразуваат на нивото на естрогенот, клучниот хормон за овулација. Нездравата телесна тежина го отежнува и текот на бременоста, а може да биде ризична како за мајката, така и за бебето.

Физичка активност приоритет

Статистиките покажуваат дека денес само 14% од жените се занимаваат со физичка активност по половина час за време на повеќето денови во неделата. По забременување, бројот на физички активни жени се намалува на 6%. Идеално време да почнете со вежбање е додека сè уште ја планирате бременоста, бидејќи така ќе си создадете навика кон која лесно ќе се придржувате за време на бременоста. Редовното практикување на кардио-вежбите во бременоста ќе ја ублажат утринската мачнина, задржувањето на течностите во организмот, грчеви во нозете, како и непотребното покачување на телесната маса. Покрај тоа, физичката активност осигурува доволно енергија и издржливост, кои несомнено ќе ви требаат за време на бременоста. До второто тромесечје, вашето срце работи за 50% побрзо отколку на почеток на бременоста, затоа добрата физичка активност, што ќе ја постигнете пред забременувањето, ќе ви биде од голема полза. Започнете со програмата на физички активности што лесно ќе ги извршите, како што се получасовна прошетка на чист воздух, трипати во неделата.

Чист воздух

Пушењето на шест до десет цигари дневно ја намалува шансата за забременување за 15%. Хемиските состојки што се содржат во тутунот го намалуваат нивото на естроген, но и квалитетот и квантитетот на клетките на јајниците, што значи се забрзува процесот на губење на истите. Значи, оставете ги цигарите пред да забремените. Пушење за време на бременоста придонесува за раѓање на помали бебиња, како и мртвородени. Жените непушачи, исто така, не треба да се во друштво на пушачи.

Мултивитамински додатоци

Дури и жените што правилно се хранат не внесуваат доволно количество хранливи материи потребни за нормален развој на плодот и за текот на бременоста. Затоа мултивитаминскиот препарат, кој содржи комбинација на неопходни витамини и минерали во оптимални дневни дози, ќе ги задоволат сите потреби на вашиот организам. Инаку, железото е минерал кој ја зголемува моќта за забременување, па затоа треба да е во состав на мултивитаминските препарати што ги консумирате. Фолната киселина е уште еден клучен елемент што треба да го земате пред да забремените. Иако витаминот Б нема да ги зголеми шансите за забременување, секако ќе го намали ризикот од дефект на неуралната туба на плодот, како што се спина бифида и аненцефалија. Земањето на фолната киселина пред да забремените е од витално значење, бидејќи развојот на нервниот систем на фетусот се изведува во првите недели од бременоста, кога повеќето жени не се ни свесни дека се бремени.

Безбеден секс

Користењето кондоми при секој сексуален однос драстично го намалува ризикот од појава на сексуално преносливи болести, што можат да ја нарушат функцијата на репродуктивниот систем. Заболувањата, како што се кламидија и гонореја, можат да ги оштетат јајцеводите и да ја нарушат способноста за забременување.

 
 
09.11.2015 - 20:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега