Мајката на Јошевска: Ништо не може да ја врати мојата ќерка, ама од божјата правда никој не избегал

И десет адвокати да го бранат, од Божјата рака никој не може да избега. Тоа ме одржува во живот, дека од Божјата правда нема да избега. Вака денеска во скопскиот кривичен суд мајката на убиената Мери Јошевска, Јелица, го започна својот исказ.

Таа по 22 години беше повторно повикана да сведочи во врска со убиството на нејзината ќерка од 1993 година кога обвинетиот Миле Хаџиски на грозоморен начин ја убил Мери во семејниот дом.

– И десет адвокати да го бранат, од Божјата рака никој не може да избега. Тоа ме одржува во живот, дека од Божјата правда нема да избега – рече мајката на убиената Јошевска.

Мајката на Мери верува дека можеби ќерка и ќе останела жива, доколку Хаџиски веднаш по злосторството викнел Брза помош.

– Ако имал барем ронка чувства и домашно воспитување, откако го извршил злосторството, да викне брза помош можеби ќе се спасела. Но крвникот продолжил да краде, се накитил и седнал во кафуле да прослави“ рече Јелица.

Таа нагласи дека не сака отштетно побарување од Хаџиски, бидејќи, како што рече, не постои нешто што може да ја надомести мајчината болка за изгубеното чедо.

И сестрата на Мери Јошевска даде исказ пред судот.

– Болката која со себе ја носиме 22 години ни ја нанесе оваа гнида. Дваесет и две години бегаше од правдата. Избега во странство. Се ожени и не им кажал што сторил во родената земја. Молчел. Мислеше дека ќе се спаси засекогаш. Да бил барем малку човек ќе повикал помош и можеби Мери ќе ја спасеа. Таа почина од обилното крвавење – истакна Бети Јошевска.

Според обвинението, Хаџиски ја удрил Јошеска еднаш во десното рамо со пепелник и со кујнски нож ѝ нанел 40 убоди во пределот на главата и стомакот. Потоа украл златен накит и избегал.

Откако избега од земјава, се приклучил во Легија на странците во Франција, каде служел 15 години, под друго име.

Хаџиски по долги години бегство беше уапсен во Швајцарија, како дел од организирана криминална група.

 
 
18.11.2015 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега