Кралевите на ноќниот живот во Скопје: „Cubano Soy" нудат одлична забава

Македонската музичка сцена има нешто со кое може да се пофали. Љубителите на ноќниот живот и танцот сигурно слушнале за кралевите на одличните забави во Скопје - Бендот „Cubano Soy". 

Но, да почнеме од почеток. Бендот се состои од тројца Кубанци, Boris Betancourt, Cindy Lamelasи Yasmin Lopez Rivera. На сцената постојат осум месеци. Пред да се одлучат да го оформат бендот, во Македонија прво пристигнаа Борис и Синди, кои пред 2 ипол години го отворија школото за кубански танци „Estilo Habana". Професионалната пејачка Јасмина доаѓа една година подоцна во Скопје, а и откако договорот за соработка и завршува, таа се решава да остане во Македонија и заедно со своите пријатели да го формира триото „Cubano Soy" кое прави спектакуларни забави. Комбинација од пеење, играње и анимирање на публиката, до сега дефинитивно се покажа како добитна.

Членовите на бендот за Македонија се решиле затоа што добиле шанса да бидат ангажирани како професионални артисти и имаат можност за интеракција со нација која е секако поразлична од нивната, што за нив претставува дополнителен професионален и животен предизвик. Покрај културните разлики како јазикот, традицијата и храната, членовите на популарното трио велат дека помеѓу Кубанците и Македонците има одлична вибрација и многу сличности меѓу кои позитивната енергија. Тие ги опишуваат Македонците како луѓе кои сакаат да се забавуваат, сакаат да се дружат со пријателите и фамилијата, а токму овие сличности го мотивирале кубанското трио да ја презентира и рашири латино музиката, танците  и латино културата преку забавите и настапите, токму во Македонија.

Триото за Пресс24 ги открива сите згоди и незгоди кои ги доживеале периодов во земјава: - Многу приказни ни се случија во овој период, сите се добри, како на пример настап на традицинален настан, како свадба и крштевка, каде што не е застапена латино музиката, но луѓето многу добро не прифаќаат и навистина знаат да се забавуваат и покрај јазичната бариера. Двете култури, латино танците и македонското оро, може да се комбинираат, да се надополнуваат и да се адаптираат на нашиот контекст. Многу е интересно во текот на настапот да се види колку луѓето се смеат и забавуваат, танцуваат и се горди кога ќе слушнат латино песна во македонска верзија. 

Инаку, оние кои сакаат да бидат дел од одличното доживување со „Cubano Soy", можат да се информираат на Фејсбук страната која го носи нивното име, и редовно се ажурира со слики, видеа, настапи и програмата за идните планови.  Во моментов настапуваат секој петок во Кадмо во Охрид и секоја сабота во кафе бар Стоби во градскиот трговски центар во Скопје. Останатите настапи на приватни, деловни забави и свадби се договараат во текот на месецот. Почнувајќи од можноста понудена од страна на самиот проект да се комбинираат различни форми како пеење, музика, танцување, настава и анимација, може да се каже дека секој настап може да се прилагоди во зависност од локацијата и концепт посакуван од страна на домаќините, од целосно традиционалната кубанска забава до повеќе комерцијална прослава за различни возрасти и вкусови. Луѓето имаат можност да уживаат во една забава или изведба во која танцот има водечки карактер, а може да се научат основните чекори и кореографија од тимот во својство на аниматори. Покрај тоа што настапуваат како трио, тие настапуваат и како квинтет со други двајца музичари, конга и саксафон, во зависност од настанот. Покрај ова, еден од членовите е и диџеј на овие настани. „Cubano Soy" како латино бенд опфаќа широк спектар на можности кои треба да бидат откриени од македонската публика.

За себе велат дека имаат амбициозни цели кои вклучуваат, меѓу другото да станат промотори на кубанската култура во Македонија, зголемување на форматот на триото во поголем состав, соработка со уметници од територијата на Македонија, концерти и настапи, како и идејата за снимање на музички албум, каде што двете култури може да се комбинираат, и конечно да се презентираат во другите балкански држави.

На прашањето со кого би соработувале од македонската музичка сцена, одговараат дека би им било големо задоволство да соработува со младиот уметник Tyzee кој  им даде можност да се промовираат во една од неговите песни во видео клип именуван Амор, какои Тамара Тодевска. 

Она што е најважно е дека покрај тоа што се одлични во својата работа, тие се и хумани! „Cubano Soy" беа дел од движењето за борба против рак на дојка во Македонија.

Па, доколку сакате да се забавувате треба да знаете, вратите на „Cubano Soy" се отворени за сите. Нема да зажалите!

 

 

 

 

 

 

 
 
20.11.2015 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега