Груевски: Македонија е отворена за кинески инвестиции

 Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска заедно со владина делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и заменик министерот за економија Христијан Делев, учествуваше на 4-тиот Самит на шефови на влади на земјите на Централна и Источна Европа и НР Кина и 5-тиот Економско-трговски форум што се одржува во градот Суџоу, Народна Република Кина.

Премиерот Груевски имаше обраќање на Самитот на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.

Република Македонија и НР Кина ги поврзува традиционалното пријателство чии билатерални односи континуирано бележат нагорен тренд, но и зголемена соработка во реализација на важни проекти во рамките на Централно-европската иницијатива, истакна премиерот Груевски.

Како што информира владината прес-служба, тој посочи дека во рамките на посветеноста на НР Кина на процесот на соработка со земјите од Централна и Источна Европа и отвореност на кинеската економија за поблиски релации со нив, Република Македонија ја препозна и прифати можноста понудена од страна на кинеската влада за финансирање на инфраструктурни проекти во рамките на формираниот фонд со Варшавската иницијатива.

 

Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, имплементирани во изградбата на двете нови автопатски делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба.

Македонскиот премиер се осврнал и на можностите за идна соработка и реализација на проекти кои се од големо значење за државата и регионот.

- Низ територија на Македонија минуваат важни европски коридори и постои голем интерес нашата земја да се вклучи во нови заеднички инфраструктурни проекти во рамките на Процесот на соработка 16+1. Македонија успева да сочува стабилна макроекономска политика и да постигнува одлични резултати признати од реномирани меѓународни финансиски институции. Владата на Република Македонија е цврсто посветена на привлекување странски инвестиции, и е отворена за кинеските инвестиции, изјави Груевски во своето обраќање.

Изрази увереност дека со заеднички заложби ќе се унапреди севкупната взаемна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина, во интерес на економската стабилност, заедничкиот просперитет на регионот и благосостојба на народите.

 

Кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека соработката на НР Кина со државите од Централна и Источна Европа е пример за исклучителна посветеност и искористување на расположливите потенцијали.

- НР Кина е заинтересирана за инвестиции во инфраструктурата особено во делот на инвестирање во патишта и железница, градежништвото, информатичките технологии, земјоделието, а досегашните самити покажаа дека секоја од владите работи напорно за достигнување на понапредни нивоа на соработка, изјави кинескиот премиер Ли.

Тој посочи и дека НР Кина продолжува да биде стратешки партнер на земјите од Централна и Источна Европа и интензивно работи на поттикнување на кинеските компании да инвестираат во проекти во тој регион и дека очекува таквата соработка неколкукратно да се зголемува во периодот што следи.

- Политичката доверба на страните го сигнализира огромниот потенцијал за економска соработка, трговија и инвестирање со и во земјите на Централна и Источна Европа. Во моментот кинеските компании се подготвени за инвестирање во државите во Европа, инвестицискиот пакет е 5 милијарди долари и мислам дека инвестициите би растеле за половина од оваа сума во наредниот период, изјави премиерот Ли.

Во рамките на Економско-трговскиот форум во градот Суџоу каде се присутни над 1.000 стопанственици и претставници на компании од Кина и 16 држави од Централна и Источна Европа учествуваат и претставници на повеќе македонски компании организирани од Сојузот на стопански комори. Форумот претставува можност за создавање на конекции за соработка и запознавање со бизнис климата и можностите кои се нудат за инвестирање и за зголемување на трговската размена, соопшти владината прес-служба. 

 
 
24.11.2015 - 12:36
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега