Алексовски: Интензивно се гради водоводот за високите зони на Крива Паланка

Интензивно се одвиваат градежните работи од проектот  „Водоснабдување на лев брег, Крива Паланка – висока зона“ што се реализира со финансии од 23 милиони денари преку Владата на РМ и Министерството за транспорт и врски.
 
Тоа го истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски кој денеска изврши увид во активностите на терен каде се гради главниот резервоар со капацитет од 350 метри кубни.
 
- Реализацијата на овој проект е повеќе од неопходна и е од витално значење за граѓаните од високите зони на градот. Со него се решава деценискиот проблем за водоснабдување на жителите од високата зона на левиот брег на Крива Река во Крива Паланка. Екипите на јавното претпријатие „Комуналец“ како подизведувачи на проектот интензивно работат на градба на главниот резервоар со капацитет од 350 метри кубни, а ќе содржи две водени комори и една сува. Од резервоарот ќе се обезбеди вода во една насока кон населбите Скрљава и Мечковци, а во друга во населбата Илинден, изјави Алексовски.
 
Со проектот е предвидено да се постави мрежа во должина од 2.890 метри и секундарна мрежа со седум крака во должина од 2.480 метри.
 
- Ископан е дел од 500 метри од трасата за доводниот цевковод, а поставени се цевки во должина од 350 метри, така што активностите се интензивирани и во тој дел. Интенцијата ни е како општина да направиме напори од овој проект да продолжиме со решение за водоснабдување во село Конопница, додаде Алексовски.
 
Според него, со активностите на терен на одредени делови од трасата на водоводот се формираат и поголеми површини кои дополнително ќе бидат хортикултурно уредени и опремени со урбана опрема.
 
- Цевководот минува низ пошумен и живописен предел од кој има прекрасен поглед на градот и околината, со што веќе се одредени новите шеталишта и места за рекреација на граѓаните, рече Алексовски.
 
Градежните активности продолжуваат со забрзана динамика, а проектот кој почна со реализација на 8 октомври, според надлежните, се предвидува да финишира на пролет
 
 
30.11.2015 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега