Попоски: Почетокот на преговорите со ЕУ ќе помогне и за билатералните прашања

Преговори за членство во ЕУ останува врвен приоритет на Македонија, а  нивното почнување ќе овозможи и надминување на билатералните прашања со кои се соочуваме со земји членки на Унијата, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на 13. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија.

Тој подвлече дека е значајно што во последниот Извештај на ЕК препораката за почеток на преговорите се уште опстојува и покрај сложените околности во самата Унија, во нашето соседство и во Македонија и потврдува дека можеби некои одлуки ќе беше попаметно да беа донесени веднаш по првата препорака во 2009 година и веројатно ќе ни заштедеа енергија и дома,  и во ЕП, бидејќи Македонија ќе беше денес во прилично напредна фаза на водење на преговори и заокружување на циклусот пред  членство во ЕУ.

- Праксата покажа дека еден таков кредибилен процес на водење преговори за приближување кон ЕУ ги подобрува шансите за надминување на какви било прашања кои се значајни за која било членка во процесот на пристапување. На тој начин се овозможи надминување на поголем број билатерални проблеми меѓу земји кандидати и земји членки на ЕУ. Лично сме убедени дека тоа ќе биде и најдобрата формула за надминување на препреките со кои и ние сме соочени во поглед на земји членки на ЕУ кои можеби имале дилеми какви ќе бидат придобивките од нашето зачленување, рече Попоски.

Во однос на добрососедските односи и поконкретно односите со Грција и спорот за името, рече дека има позитивни приближувања, а охрабрување се договорените мерки за градење доверба. За односите со Бугарија, рече дека подолго време се фокусираат на Договорот за добрососедство процес, кој вели овозможи отворен дијалог и за чувствителни прашања.

За мигрантската криза, нагласи Попоски, Македонија е во посебна ситуација бидејќи е земја во која мигрантите на западно-балканската рута преминуваат од земја членка на ЕУ во земја која не е дел од Унијата, и досега оценува, добро се снаоѓавме.

- Говориме за приближно над половина милион мигранти кои се поминати низ оваа рута, но со стапка од 5 до 10 илјади луѓе дневно што за земја  од два милиони жители е сериозен напор и нашите институции покажаа висок степен на издржливост и капацитет да се справат со вонредни напори, во услови во кои не може да ја користат помошта која би ја користеле доколку би биле членки на ЕУ... Ќе треба сите заедно да работиме на намалување на конфликтоноста и тензиите по должина на границите во регионот,  а за тоа дефинитивно ќе ни треба и европска помош. Нема да сопре бранот додека не бидат надминати причините за кризата. Но, дури тоа и денеска да се случи ние сепак ќе бидеме соочени со последиците најмалку во следната година , рече Попоски.

Тој  при тоа ја поздрави одлуката за разместување на Фронтекст на грчко-македонската граница.

Состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет продолжува, а треба да заврши поладнево со заклучоци кои ќе бидат презентирани на прес-конференција од страна на копретседавачите Кенан Хасипи и Алојз Петерле.

 
 
04.12.2015 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега