Нови странски компании влегуваат во Македонија

Македонија ја завршува годинава и ќе ја почне идната со нов инвестициски бран. Слободните економски зони и индустриските зони се полнат со фабрики, се зголемува вработеноста, се потпишуваат договори со нови странски компании кои донесоа одлуки да вложат капитал во земјава.Македонија ја завршува годинава и ќе ја почне идната со нов инвестициски бран. Слободните економски зони и индустриските зони се полнат со фабрики, се зголемува вработеноста, се потпишуваат договори со нови странски компании кои донесоа одлуки да вложат капитал во земјава. Нови деловни планови имаат и компаниите кои веќе работат во зоните, а планираат да го прошират производството, пишува Лидер.

-Ни се допаѓа владиниот пристап кон бизнисот. Имаме директна комуникација со надлежните и кога постои одреден проблем, тој веднаш се решава. Бизнис – климата е многу позитивна. Веќе работиме со полн капацитет, а стартувавме и нова инвестициска програма, па планираме и во иднина да вложуваме во Македонија. Во меѓувреме, убедивме и други белгиски компании да дојдат во Македонија, а некои од нив веќе одлучија да инвестираат. Имаме ист менталитет и ми се допаѓа што во Македонија има квалификувани работници, вели Филип Ван Хул, сопственикот на белгиската фабрика за производство и за извоз на автобуси.

Во јануари нови договори – се отвораат 1.500 работни места

До средината на јануари треба да се потпишат договори за инвестирање со уште 7 компании, а новиот инвестициски циклус треба да отвори 1.500 работни места.

Компанија од Калифорнија за производство на софтвер планира да вложи 13,5 милиони евра во Македонија и да отвори 250 работни места. Во земјава ќе влезат уште три германски компании, едната за производство на лед светилки, другата од автомобилскиот бизнис, третата од машинската индустрија. Во битолско Кравари се отвора фабрика за чипс, инвестиција на Македонец повратник од Австралија, а во овој регион ќе влезе и уште една турската инвестиција.

-Има интерес за условите што ги нуди Македонија, како ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, ослободувањето од даноци во делот на зоните, квалитетната работна сила, добрата логистика и инфраструктура што ја нуди нашата земја. Ние во континуитет спроведување реформи кои имаат за цел подобрување на бизнис – климата“, вели вицепремиерот Ставрески.

Зоните се отворија за домашните компании

Освен со странски, слободните економски зони почнуваат да се полнат и со домашни инвеститори. Компанијата „Хајтек“ е првиот македонски инвеститор во Бунарџик. Во својот деловен план има зацртано да вложи 20 милиони евра и да отвори 300 работни места. Новата инвестиција за производство на разни делови, чипови, микропроцесори, отпорници, кондензатори и транзистори ќе придонесе за уште поголем извоз од слободните зони, кој годинава досигна 1,5 милијарда евра.

-Ќе овозможиме поголем извоз, нови вработувања, пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар, вели инвеститорот Саво Станковиќ.

Наскоро уште една македонска компанија ќе инвестира во Бунарџик, во план е да креира 200 работни места. Нашите фирми во зоните влегуваат под исти услови како и странските.

-Потврдивме дека македонските компании можат да влезат во зоните. „Хајтек“ е првата компанија која го прави овој чекор, важно е да го задржи процесот на производство, прототипно производство од постоечката фабрика во Орешани, а она што ќе значи проширување на дејноста ќе значи поголем извоз на софистицирани производи, вели првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

Нова можност за соработка со странците

Влезот на македонските компании во слободните зони ќе ја засили конкуренцијата, ќе се отворат нови работни места, но и ќе се отвори вратата за уште поголема соработка со странците и за нови партнерства, кои можат да донесат бенефит и за двете страни.

-Странските компании го направија чекорот во изминатите години, нашите компании чекаа и го бараа тоа. Сега се постигнува конкурентско изедначување на условите, што е поврзано со можноста за нови вработувања и за остварување профит. Мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и на „joint venture“ активности во зоните.  Ова е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст“, оценува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Според последните податоци, повеќе од 500 домашни компании на еден или на друг начин соработуваат со странските инвеститори, што им отвори повеќе работи и обезбеди зголемени приходи и заработувачка.

Регулативата се менува за нови работни места

Во Македонија се менува и законската регулатива, со цел создавање подобра бизнис – клима и отворање нови работни места. Сега, во рамки на слободните економски зони ќе се формираат ИТ зони и за нив ќе важат посебни правила.

-Веќе има интерес за ИТ зоните и подготвуваме чекори и проекти за развој на овие зони. Досега кај нас се развиени ТИРЗ-овите, каде што се градат фабрики. Овозможивме формирање на туристички зони, законскиот дел е завршен, и сега се работи на привлекување на некој што би изградил хотели и хотелски комплекси  во овие зони. Сега ја носиме законската регулатива за слободните здравствени зони и за ИТ зоните“, открива премиерот Груевски.

Новите проекти треба да резултираат со привлекување нови инвестиции од различни профили и дополнително да ја спуштат стапката на невработеност во земјава. Нови деловни планови имаат и компаниите кои веќе работат во зоните, а планираат да го прошират производството, пишува Лидер.

 
 
28.12.2015 - 09:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега