Ферид Мухиќ: Поединецот одамна веќе е никој и ништо

Решението на политичката криза во Македонија ќе се најде, но ќе биде крајно невралгично и со долгорочни негативни последици за политичка интеграција на државата, вели во интервју за Прес24, универзитетскиот професор, Ферид Мухиќ, анализирајќи ја политичката ситуација во државата.

- Стабилизирање најверојатно ќе следува, веројатно во втората половина од 2016 година. Но тоа ќе биде стабилизирање на реконвалесцент, со драстично намалени функционални капацитети и интензитетот на сите витални општествени процеси, вели Мухиќ, за Прес24, потенцирајќи дека не само Македонија, туку целокупниот свет е во перманентна криза.

- Не само ние, целиот свет е во перманентна криза. Луѓето се отрпнати толку што се чувствуваат нелагодно кога макар за еден период, нема никакви проблеми. Што друго значи предупредувањето:“премногу се смееме. Да даде Господ нека е на арно!“ Барем немавме многу причини за овие 25 години да се грижиме дека претераното смеење би можело да ни искочи на нос, вели во интервјуто универзитетскиот професор.

Во принцип, кризите ги произведуваат и власта и опозицијата, во зависност од моменталната состојба, но значаен процент отпаѓа на непредвидливи внатрешно политички и екониомски  околности, како и на интервнецијата на факторот наречен меѓународна ситуација.

-Во Република Македонија, овој момент игра особенио крупна улога, како врпочем и на целиот Балкански Полуостров, потенцира Мухиќ

-Власта легитимирана на изборите, дозволи  да ја компормитира својата легитимација до ниво на делегитимизирање, со јавно презентираните примери на драстично кршење постоечки закони, корупцијата и  политички непотизам. Опозицијата истрајува во непопустливоста со директна подршка на оној фактор што го спомнавме во претходниот одоговор, вели за Прес24, професорот Мухиќ, кој смета дека најновата криза ќе има епохално значење за демократските процеси во иднината.

-Но, според историската динамика, не веднаш туку постаопно, во наредните 40-50 години. Можеби и за 20 – ние сме талентирани и брзо учиме!, вели Мухиќ за Прес24.

Не смета дека постои опасност од проширување на политичката во рамки на некаква безбедносна криза, секако доколку некој тоа не го предвидел во некое сценарио.

- Освен доколку тоа не е планирано во агендата на меѓународните фактори. Во тој случај, безбедносната криза ќе е неизбежна. Лично, не можам да видам што би добиле од нејзиното провоцирање, но тие си знаат. Не треба да се има илузии дека нема да ја предизвикаат, односно, поттикнат, доколку сепак проценат дека е во согласност со стратешките цели дефинирани за овој дел од Европа, во кој, врпочем не само нејзиното име, туку и сите клучни филозофски, политички, културни и научни вредности  поникнале и се прошириле врз остатокот од овој континент, вели универзиттескиот професот, Ферид Мухиќ во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: На крајот сме од една година, која почна со криза, а во криза и ќе заврши. Ако се погледне пошироко, кризата трае уште од минатата година по изборите, а можеби и многу подолго. Вообичаено прашањето би било како ја оценувате годината што помина, но јас Ве прашувам како го оценувате развојот на она што треба да биде решение на оваа криза?

ПРОФ.МУХИЌ: Низа околности индицираат дека најголемите проблеми на патот кон решението се наоѓаат пред нас.  Освен тоа, станува збор за специфична и крајно сериозна криза, една од оние особено тешките кои се манифестираат како  хронична криза но со интензитетот на жесток акутен напад.  Тоа доведе до состојбата во која највисоките политички актери во парламентот, а тоа значи, во политичкиот живот и целата држава, не соработуваат веќе цела година! Со тоа и државата е блокирана,  со драстрично редуциран регионален рејтинг, редуцирана врз субмисивен протекторат, кој згора не се, мора да се труди да не го загуби и тој понижувачки статус.  Решението ќе се најде, но ќе биде крајно невралгично и со долгорочни негативни последици за политичка интеграција на државата..  

ПРЕС24: Постои ли надеж дека следната 2016 би била година на стабилизирање на политичката состојба во државата?

ПРОФ.МУХИЌ: Стабилизирање најверојатно ќе следува, веројатно во втората половина од 2016 година. Но тоа ќе биде стабилизирање на реконвалесцент, со драстично намалени функционални капацитети и интензитетот на сите витални општествени процеси.

ПРЕС24: Ако се анализираат овие 25 години независноста на државата, веројатно најголем процент од нив поминаа во разни кризи, што помали, што поголеми. Многумина велат дека кризите стануваат нормално функционирање на ова општество. Тоа е заклучок од тоа што народот се навикнува на такви состојби, или?

ПРОФ.МУХИЌ: Според Стариот завет Се раѓаме за умирање, ѕидаме за уриванње! Според филозофот Сјоран, животот е процес на распаѓање кое почнува со чинот на раѓањето!

Не само ние, целиот свет е во перманентна криза. Луѓето се отрпнати толку што се чувствуваат нелагодно кога макар за еден период, нема никакви проблеми. Што друго значи предупредувањето:“премногу се смееме. Да даде Господ нека е на арно!“ Барем немавме многу причини за овие 25 години да се грижиме дека претераното смеење би можело да ни искочи на нос.   

ПРЕС24: Кој произведува кризи во Македонија?

ПРОФ.МУХИЌ: Само оние кои имаат доволно сила и важност за државата. Што би рекол Хаобс, државата е живо суштество, огромно но сепак, живо / левијатан. Ако го заболи малото прсте, нема криза. Ако има кардиоваскуларни проблеми, или проблеми со респираторниот систем, ете ја кризата. Значи, кризата на едно оппштество  секогаш се манифестира како  криза на витални политички институции. Во принцип, ја произведуваат и власта и опозицијата, во зависност од моменталната состојба, но значаен процент отпаѓа на непредвидливи внатрешно политички и екониомски  околности, како и на интервнецијата на факторот наречен меѓународна ситуација. Во Република Македонија, овој момент игра особенио крупна улога, како врпочем и на целиот Балкански Полуостров.

ПРЕС24: Како да се пронајде баланс помеѓу легитимноста на една власт стекната на избори и непопусливоста на опозицијата до степен на ризик од дестабилизација?

ПРОФ.МУХИЌ:  Видовме како: многу тешко – поправо, никако! Баланс нема, туку само изнудена состојба на реципроцитет во однос на редукција на самостихјното донесување одлуки како на владата, така и на опозицијата. Власта легитимирана на изборите, дозволи  да ја компормитира својата легитимација до ниво на делегитимизирање, со јавно презентираните примери на драстично кршење постоечки закони, корупцијата и  политички непотизам. Опозицијата истрајува во непопустливоста со директна подршка на оној фактор што го спомнавме во претходниот одоговор.  

ПРЕС24: Ја губи ли Македонија смислата на демократското политичкото дејствување, ако се анализираат постапките на партиите и нивните лидери?

ПРОФ.МУХИЌ: Можеби  е претенциозно да се употреби зборот “загуби“, бидејќи подразбира претходно постоење на тоа што се загубило! Република Македонија не стаса да ја конституира демократијата како вредност која битно го одредува политичко дејствување на сите актери. Формирање на повеќепартиски систем со алиби на принципите на демократијата,  во самиот почеток од политичките актери се протолкува и во Македонија (како што впрочем и во сите други држави), како прилика на зацврстување сопсптвена власт и грабање на се што може да се зграпчи.

Во Англија,  Франција, во САД, конституирањето на демократските системи почнувало  дури и со гиљотинирања, стрелања, прогони и борба за власт, така што во тој пиоглед Македонија влегува во изградба на демократски политички систем исклулчително безболно и помирно отколку што можело да се очекува. Најновата криза секако ќе има епохално значење за демократските процеси во иднината. Но, според историската динамика, не веднаш туку постаопно, во наредните 40-50 години. Можеби и за 20 – ние сме талентирани и брзо учиме!     

ПРЕС24: Можно ли е да не се остане неутрален, како што велат и едната и другата страна во вакви ситуации?

ПРОФ.МУХИЌ: Не сум сигурен дека прашањето е точно формулирано! Пологично ќе ми беше  ако гласеше : “Можно ли е да се остане неутрален...“, а не: “Да не се остане неутрален...“ Имено, сметам дека ќе биде потешко да се остане неутрален отколку да не се остане неутрален. Значаен процент граѓани интензивно се вовлечени во конфликтот на власта и опозицијата. Сепак, и втората варијанта на прашањето има смисла, бидејќи сите анктери целосно го маргинализираат екстремно високит процент на граѓани кои не се заинтересирании, значи ,токму на тие кои веројатно ќе останат и овој пат неутрални!

Имено, кога се истакнува дека Груевски има двојно поголема подршка на граѓаните од Заев, или ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ, процентите не значат многу. Двојно поголемата подршка приближно значи 24% : 12%, што секогаш, без оглед на варирањата, значи дека за премиерот,  за владеачката партија, за  претседателот, не гласаат приближно 75% граѓани, односно, дека  три четвртини гласачите не им даваат својата подршка! За илустрација што тоа значи: Деновиве повторно е избрана претеседателката на Бразил и тоа, за прв пат со помалку од апсолутното мнозинство гласови (47%), што се смета за одвај прифалтива бројка. Нашите политички лидери и партии (како на власта, уште подрастично на опозицијата), се уште се далеку од подршката дури и од само една третина граѓани! Тоа се показатели кои се високо релевантни и екстремно индикативни за секоја општествена и политичка анализа, но кои, политичките аналитичари кај нас ги игнорираат, сеедно дали  од незнаење или намерно.

ПРЕС24: Кога се гледа политичката сцена, но и општеството во целост, медиумите..  Она што прво паѓа в очи е тоталната поделеност која овој период се повеќе се зачинува со омраза. Од што произлегува ваквата состојба на губање на толеранцијата?

ПРОФ.МУХИЌ: Од сфаќањето на политиката како борба за лични интереси водена под превезот на националните интереси.

ПРЕС24: Кога зборуваме за омразата, дали таа во Македонија станува средство за изразување?

ПРОФ.МУХИЌ: Одвишно прашање, за жал! Ако е утеха, а не само да не е туку ја влошува општата состојба на она што се подразбира под поимот на Conditio Humana, (состојбата на човештвото во услови достојни на човекот), во светот говорот на омразата не само што се интензивира туку, во прва прилика, со радост преку ноќ се умножува во милиони примероци.

ПРЕС24: Ако на политиката и недостаува разум, што ги спречува интелектуалците да ја форсираат присебноста?

ПРОФ.МУХИЌ: Ништо. Ниту пак присебноста им помага! И одново да го споредиме пошитокиот простор во европски или светски размери: Што воопшто можат да направат сите интелектуалци на светот заедно!? Ништо.  Што направиле?  Ништо. Која влада ја одвратиле од воена агресија, од окупација на други држави, од прогони на политички противници, од редуцирање човечки права и слободи!? Ниту една! Секоја одлука се донесува од политичка власт, сеедно дали се однесува на економската или на едукативната сфера, затоа што власта смета дека само таа мора да ги донесува сите одлуки. И така е секаде во светот. За жал, таа тенденција веќе фатила корен и кај нас. Синтагмите  - “граѓанско самоуправување“ и “локална власт“, предизвикуваат секаде во светот подбив или не предизвикуваат дуир ни тоа. Поединецот одамна веќе е никој и ништо, а секој обид да се афирмира надвор од институциите, се третира или како скандал или како побуна.   

ПРЕС24: Постои ли опасност политичката криза постепено да прерасне во некој вид безбедносна.

 

ПРОФ.МУХИЌ:  Не. Освен доколку тоа не е планирано во агендата на меѓународните фактори. Во тој случај, безбедносната криза ќе е неизбежна. Лично, не можам да видам што би добиле од нејзиното провоцирање, но тие си знаат. Не треба да се има илузии дека нема да ја предизвикаат, односно, поттикнат, доколку сепак проценат дека е во согласност со стратешките цели дефинирани за овој дел од Европа, во кој, врпочем не само нејзиното име, туку и сите клучни филозофски, политички, културни и научни вредности  поникнале и се прошириле врз остатокот од овој континент.

 
 
29.12.2015 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега