Кучи: Македонија да се фокусира на печалбарите надвор од земјата за привлекување инвестиции

Во интервју за Радио Слободна Европа Македонија, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи во однос на привлекувањето инвестиции вели државата да се фокусира на иселениците зашто тоа се луѓето кои ја познаваат земјата, ја сакаат и и веруваат.

- Ако не е од нашиот регион, ако не ги знае нашите околности или не го познава нашиот менталитет, со овие информации што ги има, нема да може лесно да одлучи да инвестира во нашата земја. Затоа треба да се фокусираме на нашите печалбари надвор и на нашето опкружување. Треба да бидеме фокусирани на овие мали, средни проекти, имајќи предвид дека и нашиот статус на држава со недефинирано име, со недефинирана положба во меѓународната заедница и со недефиниран статус во евроатлантските интеграции, на некој начин влијаат негативно на сето она што значи инвестиции, истакнува Кучи за Радио Слободна Европа.

Претседателот на Комората смета дека раздолжувањето со стопанството оди бавно зашто акцент се става на пензиите и субвенциите.

- Се заборава дека нашите извозници не ги добиваат своите пари навреме назад, а за нив не би требало да има никакви чекања зашто се знае, стоката ја поминала границата, извезена е и тие средства треба веднаш да им се вратат и притоа ние како комора би и биле благодарни на Владата и би рекле, на некој начин, го поттикнува извозот. Обратно, таа го казнува извозникот. Ние не бараме дополнителни средства за поттикнување на извозот во моментот кога нема, но ова би било навистина голема поддршка за извозниците во ова кризно време кога на сите страни недостигаат пари, изјави Мендерес Кучи во интервјуто за Радио Слободна Европа. 

ФОТО: А1.он