ФОТО: Скопје доби прв електромобил за градска администрација

Градот Скопје денеска го промовираше првиот електричен автомобил за потребите на градската администрација, кој со едно полнење на батеријата што чини 67 денари може да помине до 190 километри и има нула емисија на штетни гасови.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, рече дека со набавката на првото електрично возило за локална самоуправа во Македонија, градот продолжува со електромобилноста во Скопје, додавајќи дека веќе се купени пет електроскутери и пет електровелосипеди за потребите на администрацијата на Градот Скопје.

- Новото електрично возило на Град Скопје е со моќност од околу 110 коњски сили и има батерија од 24 киловат часа. Со една полна батерија може да помине 190 километри. Батеријата може да се наполни со обичен приклучок за десет часа, а доколку се користи специјален приклучник за четири часа. Вредноста на потребната електрична енергија за едно полнење е 67 денари, рече Трајановски, додавајќи дека двете катни гаражи изградени од Градот Скопје имаат полначи за електромобили.

Трајановски изрази надеж дека Градот Скопје со набавката на првиот електричен автомобил ќе даде пример на сите останати и институциите и приватните компании да почнат да купуваат електромобили.

- Со овие електромобили ние практично заштедуваме енергија, пари и придонесуваме за заштита на животната средина бидејќи емисијата на штетни гасови е нула, истакна Трајановски.

Градот Скопје, потсети Трајановски, преку Градскиот паркинг веќе има набавено 11 електромобили, пет електроскутери и десет електровелосипеди, кои се наменети за туристичко разгледување на градот Скопје и се во функција на ЈП „Градски паркинг“, како и дека сите возила на ЈП „Комунална хигиена“ кои се наменети за одржување на хигиената во централното градско подрачје се електрични.

Претставникот на добавувачот на возилото Мише Георгиев појасни дека станува збор за возило од гамата на „Нисан“ кој што моментално е лидер во оваа технологија и од 2010 година од кога се произведува до сега се продадени 200 илјади примероци.

- Вредноста на возилото е околу 30 илјади евра и е опремено со сите системи за пасивна и активна безбедност, како и сите комфорт системи, истакна Георгиев, додавајќи дека возилото е претставник на компакт класата и може да се користи за секојдневни потреби, како за во град, така и на отворен пат.

 
 
22.01.2016 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега