Пратениците расправаа за законот за медиуми

Денеска членовите на Комисијата за транспорт, врски и екологија расправаа за Предлог - законот за медиуми и Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски образложи дека овие два закони кои произлегоа од поделбата на првично предложениот закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги произлегла од препораките на Советот на Европа на ОБСЕ, како и барањето на новинарите во Македонија. - Целта на овој закон е во Република Македонија да се обезбеди развој на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, развој на независна продукција, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во РМ, почитување на културните и религиозните разлики..., рече Ивановски.

Тој појасни дека со овие закони Советот за радиодифузија ќе се трансформира во Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, Совето на Агенцијата ќе брои седум члена, а мандатот на членовите и на претседателот на телото е намален од девет на седум години. По препорака на Советот на Европа и ОБСЕ зголемен е, вели, бројот на членови од граѓанското општество па освен по еден член од Здружението на новинари кое има најмногу членови, од Адвокатската комора и од Интеруниверзитетската конференција Собраниската комисија за избори и именувања и ЗЕЛС ќе именуваат по два члена. Изоставена е, додаде Ивановски и обврската за печатените медиуми и електронските портали да се евидентираат во агенцијата. Агенцијата информациите за оваа потреба ќе ги обезбедува од Централниот регистар на РМ. По препорака на ОБСЕ, додаде се воведува и административен надзор на медиумите.

- Не станува збро за стручен и за програмски надзор, туку за административен надзор каде што кој било граѓани на РМ ќе може да се обрати до Агенцијата доколку некој печатен или електронски медиум не ги почитува законите за медиуми и за аудиовизуелни медиумски услуги, појасни министерот Ивановски.

Јани Макрадули од СДСМ посочи на коментарите на ОБСЕ на двата предложени закони од страна на Владата дека „иако се направени неколку подобрувања се уште остануваат многу причини за загриженост“: - На Законот за медиуми нема европско знаменце и тој не произлегува од потребата за усогласување со европското право. Законот за аудиовизуелни медиуми и медиумски услуги што сега се нуди  е само форма, шминка за да се прикрие вистинската намера на Владата, да ги контролира сите информации во РМ преку вториот закон, а тоа е Законот за медиуми, рече Макрадули.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ пак, истакна дека законот во најголем дел е усогласен со препораките на ОБСЕ и Советот на Европа кој вели дека некогаш беа и контрадикторни едни на други и оти законите пред да влезат во собраниска процедура биле усогласени со најголем дел од забелешките на сите најрелевантни структури преку повеќето одржани јавни дебати: - Ова е еден добар почеток на разгледување на овој закон кој ќе го разгледуваме на наредната седница, а и меѓу двете читања. Доколку е потребно ќе се направи и јавна расправа. Поздравувам што текстот е прифатен и поздравен од ОБСЕ, како и од експерт од ЕК и сметам дека ова ќе биде текст кој што дополнително ќе придонесе кон квалитет на областа што ја регулира, како и усогласување на македонското со правото на ЕУ.

На 29 јули да се одржи јавна расправа за Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а на 30 јули на Законот за медиуми.

најчитано сега