Прифатен предлог-законот за поддршка на домашната музичка продукција

Собраниската Комисија за култура на денешната седница го прифати во прво читање Предлог-законот за поддршка на домашната музичка продукција.  Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска образложи дека со законот државата ќе субвенционира создавање композиции од народна и забавна музика десет години, почнувајќи од 2014 година, за да се стимулира овој вид творештво кое е во опаѓање.

Композициите ќе се избираат на конкурси четири пати во годината, а нив ќе ги спроведува Македонската радиотелевизија. Изборот ќе го прави стручна комисија која, пак, од поширока листа ќе се избира по лотариски принцип. Годишно треба да се субвенционираат 150 композиции од поп и фолк музиката и 50 песни за деца.

Предлог-законот утврдува и износи во зависност од афирмираноста на изведувачот или групата. Има  осум категории: Таленти, Афирмиран изведувач, Истакнат изведувач, Врвен изведувач, категорија Ѕвезди, композиции за семејни вредности и многудетни семејства, за  афирмирање на историјата и категорија за детски композиции.

Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат е музичка продукција со поголем обем и квалитет.

Министерката за култура рече дека со десетгодишно субвенционирање многу ќе се подобри состојбата со домашна музика од овие жанрови кои  се во пад поради слабата продукција, но и зашто радијата и телевизиите не емитуваат доволно домашна музика.

- Со нив ќе се надополни евидентната празнина, а ќе се овозможи и примена на Законот за медиуми кој бара 30 отсто застапеност на македонска музика. Неа ќе ја има повеќе и повеќе ќе се слуша, рече Канческа-Милевска.

Комисиската седница почна со еден час задоцнување поради барањето на пратениците од ДПА таа да се одржи во сала каде што има услови за симултан превод на албански јазик. Тие сметаат дека со предложениот закон се оспорува културата на Албанците, зашто низ текстот се спомнува „македонска музика“, а не „албанска музика“.  За пратеникот Беким Ќоку е нејасно како на Евросонг може да се пее на ромски, а не на албански јазик. Ја обвини ДУИ како соучесник во, како што рече, дискриминаторската политика кон албанската култура во сите дејности, употребувајќи го терминот „расистичка“.

Министерката на Ќоку му одговори дека не ги дели уметниците по етничка припадност. - Не се согласувам да ги делам на вакви или такви, со такво или вакво потекло, зашто не секој може да создава и да биде уметник. за мене тие се голема гордост и сите ги почитувам многу. Законот е за сите композитори... Разновидното културно богатство во нашата држава е голема предност, рече Канческа-Милевска.

Со Ќоку не се согласи ни пратеникот на ДУИ Бехиџудин Шехаби, кој рече дека предлог-законот е во целост усогласен со Рамковниот договор зашто  за условите за аплицирање се опфатени и граѓаните од најмалку 20 отсто кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот.

- Немате право да го критикувате овој закон со таков вокабулар. Квалификации како расизам и слични изрази се тешки за МРТ каде што работат и стотици Албанци, рече Шехаби, кој ги повика ДПА да интервенираат со амандмани, а не да ја користат седницата за изразување незадоволство кон Министерството за култура.

Пратениците од СДСМ го поддржуваат законот, но се скептични за композициите од категориите за многудетни семејства и за историја, кои претседателот на Комисијата Гордан Георгиев ги нарече потенцијално сомнителни.

- Го поддржувам ако конкурсите и изборите се изведат добро, зашто културата би можоела да има сериозен бенефит во оваа експанзија на турбо-фолк и сериозна ерозија на вредностите. Но апелирам до членовите на комисијата за огромна одговорност,  да не бидат под влијание на нечии политички амбиции, рече Георгиев, посочувајќи ја како  пример за тоа првата верзија на годинашната евровизиска песна „Империја“.

Според него, контроверзен е членот 9, за композиции за стимулирање на многудетни семејства, и смета дека е „обид за социјален инженеринг на Владата“ откако, како што рече, пропаднал проектот за повеќе деца поради економски и социјални причини. За членот 10, кој се однесува на композиции од историјата, рече дека може да биде контроверзен и додаде „но е добар ако се добри намерите“.

За Предлог-законот за поддршка на домашната музичка продукција Министерството за култура во април организираше јавна дебата на која се одѕваа голем број музички автори - композитори и изведувачи. Тие тогаш ја поздравија иницијативата и беа едногласни дека доаѓа во најтежок и најнепродуктивен период за македонска музика.

Предлогот ќе оди во втора фаза, а потоа на пленарна седница на усвојување. Примената на субвенционирањето треба да почне од 1 јануари 2014 и да трае до 31 декември 2023 година. 

најчитано сега