Економските показатели вистински бројчаник за Македонија

Раст на БДП од 3,7 проценти во 2015-та година, позитива на градежништвото од 16,8 отсто во истиот период, индустријата во плус од 4,9 проценти во текот на минатата година и од 8 проценти во јануари, рекордно ниска стапка на невработеност од 24,6 проценти, влез на странски инвестиции, отворање нови работни места, Македонија меѓу најниско задолжените земји во Европа – ова се главните карактеристики на домашната економија. Позитивните трендови продолжуваат, но во услови на зовриена политичка атмосфера, не се бираат средства и начини да се оспорат постигнатите резултати, пишува Лидер.

Наводен „бројчаник“ како сламка за спас

За да се прикаже лажна слика дека земјава е премногу задолжена, небаре сме го достигнале нивото на Грција, се појави бројчаник изработен од Центарот за компјутерски науки при МАНУ, според кој долгот надминал 4,2 милијарди евра, односно достигнал нешто над 49% од БДП.

Според првиот човек на МАНУ, Таки Фити, бројките биле реални.

„Нема манипулации со податоците, сè е точно. Податоците се реални, бидејќи доаѓаат од Светска банка и од Министерството за финансии“ – рече Фити.

Не требаше многу време, МАНУ да ретерира. Академијата објасни дека бројчаникот бил изработен од Центарот за научни истражувања, објавен без за тоа да биде информирано раководството на МАНУ.

Разногласието го доведе во прашање угледот на МАНУ, особено што се покажа дека апликацијата, односно бројчаникот бил преземен од блогспот од 2014 година, со што отворено се поставува прашањето за релевантноста на податоците.
Жестоко реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа што до вчера политички го туркаа невладините организации и портали на СДСМ и Сорос, стана најновото „научно откритие“ на Таки Фити и на МАНУ, олицетворено во „бројчаник“ кој го мери државниот долг. Истиот „бројчаник“ со кој СДСМ ги манипулираше граѓаните уште во 2014 година. Секој студент на економија знае дека долгот се мери во релативна вредност, а не во апсолутна, но очигледно ваквите факти се мистерија за поранешниот неуспешен министер за финансии Таки Фити. Затоа јавно го прашуваме Таки Фити дали ќе се обиде барем малку да се дистанцира од СДСМ и Сорос и да изработи вистински бројчаник кој ќе покажува секојдневно како расте БДП и корелацијата на БДП и државниот долг?

Професорот Таки Фити можеби ја заборавил оваа лекција откако влегол во МАНУ, но тоа не смее да биде оправдување за политичко манипулирање на јавноста и злоупотребувањето на МАНУ во политичка кампања. Јавно го прашуваме Таки Фити дали МАНУ ќе направи апликација „бројчаник“ за намалување на невработеноста, потоа друга апликација „бројчаник“ за раст на извозот и уште една за раст на индустриското производство? Дали МАНУ ќе направи апликација со „бројчаник“ за бројот на изградени километри патишта, водоводи, канализациони мрежи, реконструирани и изградени училишта, болници, набавени медицински апарати?“ – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи го потегот на МАНУ како партиски и политички.

Какви биле бројките додека Фити бил министер?

Професорот Таки Фити од 2003 година е редовен член на МАНУ, од годинава претседателствува со Академијата. Од 1996 до 1998 беше министер за финансии во владата на СДСМ, предводена од Бранко Црвенковски.

Во овој период, додека беше прв човек во Финансии, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во Македонија изнесувала 36% во 1997 и 34,5% во 1998. Во 1996 година стапката на раст на БДП изнесувала 1,2%, прва минимална позитива од осамостојувањето, а слични ниски стапки имало и во следните години.
Според податоци на НБРМ, надворешниот долг од 1996 до 1998 пораснал од 26 на 41%. На 9 јули 1997 девалвираше денарот за 16%.

Македонија е меѓу најниско задолжените во Европа

Според податоците на Народната банка, јавниот долг на крајот од 2015-та година изнесувал 46,5% од БДП, а државниот долг 38% од БДП.

Европската служба за статистика пресмета дека нашата земја е четврта најмалку задолжена земја во Европа, со што се негираат обвинувањата дека сме биле презадолжени.

Не треба да се заборави дека оваа Влада значително го намали долгот кога дојде на власт и кога предвреме се раздолжи кон странските кредитори, со што земјава доби голем простор за маневар во периодот на светската и на европската должничка и финансиска криза, а тоа допринесе од кризата да излеземе без поголеми последици по економијата.

 

 
 
16.03.2016 - 08:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега