Александар Новаковски: ДИК има се на располагање за да ги расчисти сите дилеми

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Новакоски, во интервју за пресс24, оценува дека ДИК сега си има сите предуслови и услови, вклучително и поддршка од страна, како и институционална и кадровска екипираност за да ги расчисти сите дилеми во јавноста околу избирачкиот список и тоа мора да го направи. Смета дека апликацијата на интернет за проверка од граѓаните создаде многу непотребни забуни.  

-Оваа апликација која се постави од ДИК, па се повлече, не е во насока на стекнување на доверба на избирачкиот список. Оваа апликација не е објава на избирачки список ажуриран и потврден од ДИК согласно измените и дополнувања на Изборниот закон, него добиени податоци од статистика. Мислам дека апликацијата создаде забуна, иритации и недоразбирања, а ако се објавеше ажуриран список од ДИК по објавени и спроведени вкрстени податоци и потврден со Одлука од ДИК, повторно ќе имаше проверка од граѓаните, но нема да имаше вакви несогласувања кои тешко се исправаат во догледно време, вели Новакоски за Прес 24.

Новаковски оценува дека за ДИК нема да има никакво оправдување ако не успее да ја заврши својата работа. Според него најважно за јавноста е да се обезбеди вистината, а манипулациите да се стават на страна

-Се надевам дека оние кои коментираат по партиски штабови, а пред јавноста молчат, ќе успеат да ги надминат тесно партиските интереси и во интерес на граѓаните ќе ја соопштат вистината , како и ние кои сакаме да го дадеме својот допринос во демократијата ќе може барем да им дадеме некој корисен совет и насоки. На крај овој ДИК ќе треба да го утврди списокот, експертите нема да стават потпис на него, ниту странски ниту домашни, вели Новакоски во интервјуто.

Екс претседателот на ДИК, кој во 2011, по барање на партијата која го предложи поднесе оставка, од денешна дистанца смета дека тој чекор бил исправен, но потенцира дека на тој начин бил спречен да помогне во оформување на ДИК како институција со кредибилитет за спроведување на изборите.

- Дали беше исправен чекор, мислам да, бидејќи оставката беше дадена со цел да не го загрозам спроведувањето на процесот на организирање на изборите, а од мене беше побарано оставка од страна на партијата која и ме предложи. Без поддршка од политичките партии не може да се води ДИК. Може да сте член, но никако Претседател. Јас оставката ја дадов не во договор со партијата од која бев предложен, него беше прекината секоја комуникација и човечка со мене во тој период, без причина, се наслушав муабети и јас и мојата фамилија, но тоа нека им стои на чест на тие кои ја организираа мојата оставка и изрекоа и јавно низа небулози,  но граѓаните не го одобрија овој мој потег и од таа гледна точка ми е криво. Можеби изборните процеси понатака ќе беа на ниво од 2009 и нема да имавме вакви притисоци кои сега ги имаме како држава, вели Новакоски во интервјуто за Прес24.

 

ПРЕС24: Веќе една недела избирачкиот список е на увид на граѓаните, за прв пат во една ваква форма на пребарување. Она што деновиве масовно ја окупира јавноста е состојбата во која на една адреса се појавуваат личности за кои голем број граѓани велат дека не живеат на тие адреси. Кои се Вашите проценки за што станува збор?

НОВАКОСКИ: Секој граѓанин-државјанин на РМ кој има право на глас согласно позитивните законски прописи, мора да биде регистриран во избирачкиот список. Избирачкиот список мора да биде воден и ажуриран од надлежните органи согласно Закон, овој процес мора да биде координиран добро од надлежните, а крајна цел е добивање точен избирачки список.

Оваа апликација која се постави од ДИК, па се повлече, не е во насока на стекнување на доверба на избирачкиот список. Оваа апликација не е објава на избирачки список ажуриран и потврден од ДИК согласно измените и дополнувања на Изборниот закон, него добиени податоци од статистика.

Мислам дека апликацијата создаде забуна, иритации и недоразбирања, а ако се објавеше ажуриран список од ДИК по објавени и спроведени вкрстени податоци и потврден со Одлука од ДИК, повторно ќе имаше проверка од граѓаните, но нема да имаше вакви несогласувања кои тешко се исправаат во догледно време.

ПРЕС24: Ако се утврди дека тие гласачи се реални и практично ги има само по еднаш на избирачкиот список, дали е возможно ним да им се ускрати правото на глас?

НОВАКОСКИ:  Со точен избирачки список се обезбедува еден од главните стандарди за избори а тоа е еднаквото и универзалното право на глас. Секој државјанин согласно Устав има право на глас и секој треба да е запишан во избирачки список. Не може на ниту еден државјанин на РМ да му биде одземено правото на глас, а не посебно со административни мерки од институциите.

Прашањето дали некој издал државјанство спротивно на Закон е работа на органите на прогон, а не на ДИК. ДИК базата ја добива од МВР и фактот да некој државјанин е избришан од список поради немање биометриски исправи е дискутабилно но не е спротивно на закон.

Според европски стандарди за избори, не може со административни мерки да се спречи некој да гласа. Овие силни странски експерти треба да се соочат со домашните, па и ние да ги прашаме, дали тие без измени на Закон може да избришат државјанин од Избирачки список? Друго е ако државјанството  се поништи.

ПРЕС24: Дали во минатото кога Вие бевте претседател на ДИК имаше вакви ситуации?

НОВАКОСКИ:  Јас бев Претседател на ДИК заклучно со изборите во 2009 - Претседателски и локални, а тогаш списокот беше во рацете на Министерство за правда. Ниту една партија ниту еден граѓанин не поднесе приговор за Избирачкиот список. Ние ниту можевме, ниту имавме надлежност да имаме увид во  Списокот, тој  беше преземен од ДИК крајот на 2010, но само вработените и канцелариите од Министерство за  правда, а во тек на 2011 требаше ДИК да продолжи да го води, но јас на последните изборни циклуси 2011, 2013, 2014 кога се појавиле и официјални приговори за списокот, не сум дел од Државната изборна комисија и не можам да коментирам за нешто што немам евиденција, тоа треба да дадат одговор во ДИК, бидејки ДИК сега има и служба со огромен број извршители, а и сменети се три комисии.

ПРЕС24: Опозицијата тоа го дефинира како фантомски гласачи. Во јавноста се лицитира со бројки од 10.000 па се до 150.000 такви гласачи. Колку реално е возможно навистина да има такви ситуации и како тие се нашле во избирачкиот список?

НОВАКОСКИ:  Фантомски гласчи се лица кои постојат во списокот, а се починати, или истите не постојат, не се државјани, а фигурираат во списокот. ДИК треба да каже што открил. Дали лица кои се починати се уште се на список и зошто ДИК не ги избришал? Дали има на списокот лица кои не се државјани? Дали има на списокот лица кои имаат државјанство, а имаат неуредно живеалиште и што со нив? Кој им дал државјанство и од кои причини? Има многу работи на кои чекаме одговор, но главно е дали во списокот има лица кои се водат дупло или не, па дилема по дилема да се отклонува.

Во колку некој прикаже незаконски издадени лични карти, државјанства и друго, тоа треба да се утврди и истражи, се знае дека за тоа се одговара. Но факт е дека ДИК ќе има задача  да донесе многу важни одлуки, кои дел и ќе бидат не во нејзина исклучива надлежност. Се надевам дека оние кои коментираат по партиски штабови, а пред јавноста молчат, ќе успеат да ги надминат тесно партиските интереси и во интерес на граѓаните ќе ја соопштат вистината , како и ние кои сакаме да го дадеме својот допринос во демократијата ќе може барем да им дадеме некој корисен совет и насоки. На крај овој ДИК ќе треба да го утврди списокот, експертите нема да стават потпис на него, ниту странски ниту домашни.

ПРЕС24: Вие велите дека тоа лесно може да се открие и да се отстрани, како, кој е методот?

НОВАКОСКИ:  Јас напоменав дека ДИК ги има сите ресурси , капацитети во лица-извршители, да ги спроведе сите активности. Пример ДИК во 2009 имаше 10-десетина вработени и спроведе Претседателски и локални избори во еден изборен процес, а сега има над 100-вработени со постојан работен однос, служба која е комплетирана од 2011 и се уште се комплетира. Во колку утврди постоење на неправилности треба да изгради заеднички став и да бара од подрачните одделенија да го спроведат тоа. Јас мислам дека веќе ДИК ги знае начелно проблемите но сега е прашање дали ќе постапи самостојно, дали ќе чека насоки од странски експерти или од партиски штабови. Кажав на крај тие го потпишуваат списокот. Мора веднаш да даде налог да се постапи по утврдените аномалии.

Според мене ДИК овој процес ќе го заврши, но проблем ќе има во усогласување на неколку крупни прашања: Дали се точни информациите во јавноста дека има лица кои имаат креирани матични броеви или не  и што со нив ако има ? Што со лицата кои имаат државјанство а не пријавиле дека престојуваат подолго од три месеци во странство? Што со лицата кои се водат на исти адреси, ако се во поголем број и дали се упишани согласно процедура и закон или не?

Ако се држат на словото на законот јасно е како ќе постапат, но ако завладеат партиските надмудрувања , ќе има голем проблем. За починатите лица е јасно дека и до сега ДИК не бил спречен да ги избрише од избирачкиот список.

ПРЕС24: Дали мислите дека оваа вкрстена проверка на избирачкиот список преку 10 бази на податоци, што ја прават ИТ експертски тимови во ДИК, ќе овозможи реален избирачки список?

НОВАКОСКИ:  Оваа проверка со вкрстени податоци нема да даде само по себе добар избирачки список, мора да се има во предвид главната база а тоа е од МВР по државјанства.

Таков е нашиот Закон и треба да се почитува. Но во склоп на списокот и теренските проверки и ако се имаат предвид сите факти кои претходно ги споменав може да се добие солиден  резултат.

ПРЕС24: Пред една недела се појави и една информација дека околу 90.000 гласачи ги има на избирачкиот список но тие со години живеат надвор од Македонија односно не пријавиле дека се иселени. Што со нив?

НОВАКОСКИ: Споменав за овие лица, тие не пријавиле уредно дека се во странство, но ако се државјани ќе може да гласаат, ако се во избирачки список. Но, единствено МВР може да утврди дали имаат уредни државјанства?

За овие лица ќе се вмеша и политиката на голема врата, бидејќи не е лесно да избришате толку лица од Избирачки список без измени на Закон, како што има во некои земји. Тие да останат државјани, но да нема право да гласаат ако се долго во странство, има во некои земји но кај нас за тоа нема да може да се дојде до партиски консензус и да се донесе закон. Премногу калкулации се во оваа игра, пред се политички. Но таа дилема нека ја разгледаат експертите во ДИК, ова ќе биде и едно од прашањата за кои ќе се кршат копјата.

ПРЕС24: Вие бевте претседател на ДИК до 2011 година, организиравте чинам три изборни циклуси 2008 и 2009 локалните и претседателските. Како гледате на моментот, кога сега на разни начини се оспоруваат сите изборни резултати?

НОВАКОСКИ: Јас бев Претседател само на изборите 2009 локални и претседателски, пред тоа член. Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за овие избори беше дека изборите беа согласно стандардите за избори утврдени со европските правила. Јас не сум активен ниту во политика ниту имам некоја државна функција, јас сум адвокат и Ви кажувам дека ДИК додека јас бев во ДИК не беше надлежен за списокот, но и немавме никакви официјални примедби од никого за списокот. Па ова прашање може да го поставите и на другите Претседатели кои се уште се активни и во политика и како судии. Јас стојам зад тоа што сум го кажал.

ПРЕС24: Од денешна дистанца мислите ли дека Вашата оставка беше исправен чекор?

НОВАКОСКИ:  На Светскиот ден на изборите , почеток на февруари 2011 година јас ја дадов следната изјава; ( Ќе биде неодговорно во колку не најдеме сила и политичка воља да ги донесеме измените на Изборниот закон, со цел да креираме услови за фер и демократски избори и да ги елиминираме сите забелешки запишани во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР од изборите 2009 година. Без заедничка доверба и заеднички респект, сите ние креираме атмосфера која не е добра за предизборна година и го доведуваме во прашање амбиентот за организирање на фер и демократски избори) Оваа изјава кажува се, јас после оваа изјава дадов оставка, а причините ги наведов во оставката.

Дали беше исправен чекор, мислам да, бидејќи оставката беше дадена со цел да не го загрозам спроведувањето на процесот на организирање на изборите, а од мене беше побарано оставка од страна на партијата која и ме предложи. Без поддршка од политичките партии не може да се води ДИК. Може да сте член, но никако Претседател. Јас оставката ја дадов не во договор со партијата од која бев предложен, него беше прекината секоја комуникација и човечка со мене во тој период, без причина, се наслушав муабети и јас и мојата фамилија, но тоа нека им стои на чест на тие кои ја организираа мојата оставка и изрекоа и јавно низа небулози,  но граѓаните не го одобрија овој мој потег и од таа гледна точка ми е криво. Можеби изборните процеси понатака ќе беа на ниво од 2009 и нема да имавме вакви притисоци кои сега ги имаме како држава.

Но, верувајте дека можев и работев на отклонување на сите забелешки и создавање услови за фер избори. Гледајќи од тој аспект сметам дека можев уште многу да допринесам и од тој аспект гледајќи што се случува можеби беше погрешен чекор,  но кога зависи местото Претседател во една независна институција од политичките партии, изборот е стеснат.

ПРЕС24: Возможен ли е воопшто изборен фалсификат од обемот за кој зборува опозицијата во Македонија?

 

НОВАКОСКИ:  Секој изборен фалсификат треба да се докаже и документира.  И како член сум учествувал во поништување на многу нерегуларности. Ќе почекаме да видиме што ќе кажат надлежните , МВР која на чело има висок претставник на опозицијата, што ќе каже ДИК, што другите надлежни. Во држава како нашата, мала, тешко може да ги скриете работите. Се надевам дека политичките партии ќе работат на враќање на довербата, дословно спроведување на пржинскиот договор, што значи  и работење на дело за создавање услови за кредибилни избори во сите сегменти. Како никогаш до сега немало предуслови, Вие имате Премиер за спроведување на избори,  но ДИК мора да е на висина на задачата и над партиите и ги увери сите  дека се во право или не. Ако работите се одвиваат со ова темпо на крајно спротивставени позиции, иако сите поголеми политички партии имаат претставници и во Влада и во ДИК, тогаш дефинитивно како држава сме оставиле работата да ја водат странските дипломати и тие да го имаат задниот збор. Но, тоа не е работа која оди во прилог на државата гледано долгорочно, може да има ефект и имаше, но веќе работите се плашам дека одат во други непожелни насоки.

 
 
16.03.2016 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега