Македонски и шпански компании ќе ја продлабочуваат соработката

Шеснаесет македонски компании денеска во Стопанската комора на Македонија имаа билатерални средби со шпански компании од областа на фармацевтската, електрометалната, агроиндустријата  и градежништвото со цел да се изнајдат нови начини за продлабочување на трговската размена.

Директорката на Дирекцијата на регионални комори и меѓународна соработка, Снежана Камиловска-Трповска оцени дека средбите во Стопанската комора на Македонија се исклучително значајни за развојот на економската соработка меѓу Македонија и Шпанија и за воспоставување поцврста соработка меѓу бизнисмените.

- Особена чест ни претставува што сме домаќини на настан којшто по 10 години повторно се иницира во соработка со Амбасадата на Шпанија во Република Бугарија со цел да се изнајдат нови начини за продлабочување на трговската соработка помеѓу двете земји, за која проценуваме дека има далеку поголеми потенцијали од досегашните, рече Камиловска.

Таа посочи дека во моментот Шпанија е 16-ти трговски партнер на Македонија, што е значително повисоко во споредба со минатата година кога била 19-ти трговски партнер.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Скопје, Горан Рафајловски истакна дека Македонија, покрај тоа што е отворена за трговска соработка во областа на услугите, особено е заинтересирана за директни инвестиции од шпански компании во индустриските зони во Македонија за што им се нудат одлични услови.

- Стопанската комора на Македонија им стои на располагање на компаниите, а и ќе биде логистичка поддршка за што поголем развој на меѓусебната соработка меѓу бизнис-секторите од двете земји, рече Рафајловски.

Заменик-амбасадорот на Шпанија, Фернандо Лопез де Кастро Гаридо посочи дека ваков вид настани треба да се одржуваат редовно со цел што поголемо запознавање на компаниите, создавање нови контакти и изнаоѓање нови форми на соработка.

- Во последните години, особено од 2008 година наваму, во вкупната трговска размена меѓу Македонија и Шпанија се бележи позитивен напредок, што укажува на фактот дека има простор за ширење на деловните врски меѓу компаниите од овие земји, истакна Мариа Перез Моро, економски советник при Амбасадата на Шпанија во Република Македонија.

Вкупната трговска размена на Македонија со Шпанија минатата година достигна вредност од 177,3 милиони американски долари што претставува раст од 14,36 проценти во споредба со 2014 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од над 100 милиони долари или зголемување од 44,67 проценти, додека увозното салдо изнесува 76,53 милиони долари или пад од 10,37 отсто споредбено со 2014 година. Евидентиран е позитивен биланс на страна на Република Македонија во трговската размена од 24,28 милиони долари. 

 
 
17.03.2016 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега