Иванов со честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите

 

 

Претседателот Ѓорге Иванов по повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

- Би сакал најсрдечно да ви го честитам 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Овој значен празник е можност за прослава на различноста, но и за евалуација на степенот на вклученост на ромската заедница во општествените текови, вели во честитката Иванов.

Тој посочува дека во текот на 25-те години независност, Република Македонија напорно работеше за да ја унапреди социоекономската, политичката, и културната позиција на Ромите во општеството.

- Благодарение на македонскиот инклузивен демократски модел, Ромите имаат сопствена локална самоуправа и претставници во законодавната и во извршната власт. Ромскиот јазик се предава во училиштата и се слуша на брановите на Македонската радио-телевизија, но и на локалните телевизиски станици. Сепак, свесни сме дека ни претстои уште многу работа. Сè уште постојат стереотипи и предрасуди кои фрлаат сенка на македонскиот модел на соживот. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел: еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија, истакнува во честитката македонскиот претседател.

Ромската заедница, како што посочува, е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. - Вашата традиција и култура, светоглед и филозофија на живеење се вткаени во нашето секојдневие и како такви никој не смее да ги релативизира и минимизира, додава Иванов.

Македонскиот претседател во честитката на припадниците на ромската заедница им посакува и понатаму заедно со другите граѓани на Република Македонија, посветено да продолжите да  придонесувате за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина. 

 
 
08.04.2016 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега