Спасов ја посети компанијата во Тетово која со помош на „ Македонија вработува“ отвори нови 36 работни места
Заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов заедно со директорот на Центарот за вработување – Тетово Горан Јовановски денеска ја посетија компанијата „Везе Шари“ во тетовското село Требош, прва компанија во Македонија која има своја централа за производство на електрична енергија од биогас.
Заменик-министерот Спасов посочи дека со сопственикот Арбен Абдурахмани и воопшто со компанијата „Везе Шари“ имаат постојана соработка и преку мерките за вработување што ги користи фабриката се придонесува во нејзиниот развој.
- „Везе Шари“ преку активните мерки за вработување и тоа на млади, субвенционирано вработување и проектот „Македонија вработува“ изминативе години отвори дополнителни 36 нови работни места. Ја користам приликава да ги повикам сите останати компании да ја искористат шансата преку проектот „Македонија вработува“ што завршува во петок да ги искористат можностите и поволностите за ослободување од персонален данок и социјални придонеси и да отворат нови работни места бидејќи со ослободувањето на социјалните придонеси во период од три до шест години во зависност од мерката на едно работно место компанијата може да заштеди во просек околу 1.500 евра. Досега според мерката „Македонија вработува“ се постигнаа значителни резултати бидејќи за околу една година се отворија 17.475 нови работни места во околу 9.500 правни субјекти, рече Спасов.
Сопственикот на „Везе Шари“ Абдурахмани посочи дека мерките и поволностите за вработување компанијата ги користи од 2013 година и оти од вкупно 128 вработени што ги има во моментот, 37 се вработени со субвенции.
- Како што рече заменик-министерот Спасов, 1.500 евра заштеда на годишно ниво за секое работно место е можност овие средства да се пренаменат за наши инвестиции и проширување на производството и сметам дека со вакви мерки треба да се продолжи и во иднина бидејќи даваат добар придонес и за нас како компании, за државата и за вработување на што поголем број невработени лица, рече Абдурахмани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа