Земјоделската политика во вистинска насока

Износот на субвенции и мерките кои постојано се превземааат во областа на аграрот, се од огромно значење на една земја, поради производството на храна, велат познавачите во оваа област. Последната мерка која ја најави лидерот на ВМРО ДПМНЕ има повеќе цели. Земјоделците се задоволни. Државата од јануари догодина, ќе покрива 80 отсто од трошоците за набавка на високо приносен добиток, пишува Лидер.

Во моментов поголемиот дел од добитокот во земјава е со мал генетски потенцијал. Со воведувањето на мерката, се очекува земјоделците да имаат поголем принос, односно поголема заработка како и подобар квалитет на млекото и месото. Со ова значително ќе се зголеми и нивната конкурентност на европските пазари.

-Оваа мерка е од огромно значење за земјоделците затоа што ќе допринесе да се зголеми сточниот фонд во земјава. Со самото зголемување на сточниот фонд ќе се зголеми производството на млеко и млечни производи, ќе се зголеми исто така и производство на козјо млеко, изјави Никола Стаменов,ФФРМ.

Костадиновски:Поголеми приноси и конкуретност со набавката на високо приносен добиток

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски очекува дека со мерката за 80-процентна финансиска поддршка при набавка на високо приносен добиток ќе се обезбедат повисоки приноси за сточарите, а со поквалитетните производи кои се добиваат од ваквите грла добиток, македонскиот земјоделец ќе стане поконкурентен на европскиот пазар. Тој изјави дека при креирањето на оваа мерка, се воделе и од фактот да го подигнат нивото на бројност на добитокот во Македонија, но и да го подобрат квалитетот на структурата во овчарството, краварството, свињарството.

– И на ова ниво на бројност што го имаме сега, структурата не е поволна ниту за земјоделците, ниту за државата. Во таа насока ќе обезбедиме два милиони евра за овој проект и уште три милиони евра за системот „капка по капка“ со цел да постигнеме ефекти, истакна Костадиновски.

Осврнувајќи се на придобивките од оваа мерка, заменик-министерот Костадиновски напомена дека се фокусирани и на производство на евтина добиточна храна која ќе се применува при одгледување на добитокот. Мерката за финансиска поддршка од страна на државата при набавката на високо приносен добиток ќе почне да се применува од 1 јануари 2017 година преку Програмата за рурален развој. Максималната вредност на прифатливи трошоци ќе изнесува до 100 милиони денари со кои може да се купат максимум 100 крави или 1000 високо приносни кози или пак 800 високо приносни овци.
Средствата ќе се доделуваат како неповратна финансиска помош, а право на користење ќе имаат сите одгледувачи на добиток кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Набавката на добитокот ќе се врши од признати одгледувачи на добиток

Груевски: Нова мерка за развој на сточарството

Мерката со која се предвидува 80 проценти од трошоците за набавка на високо приносен добиток да ја покрива државата се очекува да придонесе за развој на сточарството во Македонија.

Со неа ќе им се овозможи на сточарите да купуваат високо приносен добиток од кој ќе имаат повеќекратен бенефит, односно поголеми приходи и поквалитетен производ со што ќе имаат и поголеми шанси за конкурентност на европските пазари.

Сегашната ситуација во Македонија е таква што поголем дел од добитокот не е со висок генетски потенцијал и затоа е потребно преориентирање кон купување на попродуктивни грла добиток.

Направените анализи покажуваат дека просекот за македонските крави во периодот на лактација е 3000 литри млеко, а сточарот од млекото што го добива од една крава заработува во просек 64.500 денари, додека од грлата со висок генетски потенцијал, просекот на млеко би изнесувал над 8.000 литри, а заработката 172.000 денари.

Речиси повеќе од четири пати би биле зголемени приходите и доколку се набават високо приносни овци. Кај овците кои се карактеристични за нашето поднебје, периодот на лактација е 150 дена во кој производството на млеко изнесува 75 литри, а приходите се околу 3.112 денари за разлика од високо приносните овци кај кои периодот на лактација е 180 дена во кој тие даваат во просек од 260 до 300 литри млеко, а приходите би изнесувале 12.450 денари. Просечната цена на вакви овци од типот аваси, асаф или источно фризиска изнесува 250 евра, а за 100 вакви овци би требало да се платат 25 илјади евра од кои 80 проценти би биле на товар на државата.

За три пати би се зголемило производството и на козјо млеко бидејќи кај високо приносните кози периодот на лактација е од 200 до 240 дена, а производството на млеко од 600 до 650 литри, додека кај козите што главно ги чуваат македонските сточари периодот на лактација е 170 дена а производството на млеко околу 200 литри.

Што се однесува за високо приносниот добиток за производство на месо, во однос на говедското месо мешаните раси кои се одгледуваат кај нас за да достигнат 500 кг. треба да се прихрануваат од 18 до 24 месеци, а добитокот кој е високо приносен, оваа маса од 500 килограми ја достигнува од 12 до 14 месеци.

Во Македонија веќе постојат почетни искуства за одгледување на високо приносен добиток. Така, во пелагонискиот регион има околу 3.500 грла крави од расата холнштајн од кои во просек во периодот на лактација се добиваат 7.200 литри млеко.

Максималната вредност на прифатени трошоци ќе изнесува до 10.000.000 денари по корисник со кој може да се купат 100 крави холнштајн или 1000 високо приносни кози или 800 високо приносни овци.

– Предвидениот износ на средства за реализација на оваа мерка на годфишно ниво ќе изнесува 2 милиони евра. Високоприносниот добиток од високо признаените раси значи зголемени приходи на земјоделците, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој заедно со заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски ја промовираа оваа мерка при посета на сточарска фарма во скопското село Брезница.

Покрај поддршката од државата, останатите 20 проценти ќе треба да ги обезбеди сточарот, а задругите и земјоделските компании може да ја искористат евтината кредитна линија од Македонската банка за поддршка на развојот која има обезбедено 10.8 милиони евра за евтини кредити. Каматната стапка е 2 проценти, а рокот на отплата пет години

Зголемен бројот на говеда, свињи и кози, намален на овци и живина

Според последните податоци на ДЗЕ, зголемен е бројот на говеда, свињи и кози, а намален на овци и живина.
Лани во споредба со 2014 година, вкупниот број на говеда е зголемен за 4,9 отсто, кај индивидуалните земјоделски стопанства за 4,8, а кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) за седум проценти.

Бројот на свињите кај деловните субјекти е зголемен за 52,9 отсто, додека кај индивидуалните земјоделски стопанства е за 7,6. Бројот на козите, пак, кај индивидуалните земјоделски стопанства е зголемен за 8,1 процент, а кај деловните субјекти за 18,1.

Намалување на бројот на овци е забележано во двата сектора – кај индивидуалните земјоделски стопанства за 0,7 отсто, а кај деловните субјекти за 5,8.

Бројот на живината во 2015 година во споредба со 2014-та е намален за 9,2 отсто.

 

 
 
25.04.2016 - 09:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега