За да бидете безбедни секогаш почитувајте ја патната сигнализација и водете се по неа

 

Совети за возачите кога на патот се изведуваат градежни активности – работа на патот. Следејќи ги новите светски трендови, а поради зголемување на бројот на возила, мотоцикли, велосипеди и пешаци во сообраќајот, секојдневно се менува инфраструктурата на патиштата низ републикава. Изградба на нови автопати, делници, нови булевари во градовите, проширување на улиците и реконструкција на веќе постоечките патишта, се дел од проектите поврзани со патната инфраструктура, кои ни наложуваат да ве посоветуваме и да ве потсетиме дека во вакви услови е многу важно сталожено и внимателно учество во сообраќајот. За таа цел, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува:

Прва работа која треба да ја направите е да се информирате. Информирајте се за временската рамка кога почнува реконструкцијата и до кога е планирано да трае, односно кога е планирано да биде завршена. Направете го тоа преку официјалната Веб страна на градот во кој се извршуваат градежните работи, или во најблиската канцеларија на претпријатието кое е задолжено за нив.

Следна работа која треба да ја направите е да испланирате алтернативна рута, односно друг пат/улица,по кој ќе се движите за да ја одбегнете сообраќајната гужва и активностите кои се изведуваат на патот воопшто. Времето кое ќе го потрошите на тој начин, може да биде подолго, но тоа е незначително во споредба со „стоењето“ во место во сообраќајот и чекање да дојде вашиот ред да тргнете.

Делот од денот во кој се движите е, исто така, многу значаен фактор кога се движите низ зонасо ознаки „работа на патот“. Доколку сте во можност, избегнувајте го шпицот со тоа што ќе го поместите работниот распоред за половина час порано или половина час подоцна. А ако не сте во можност, настојувајте барем да излезете порано од дома.

Според РСБСП, првите три совети се клучни за вас и за заштеда на вашето време во сообраќајот онаму каде што се работи на патната инфраструктура. Во продолжение, ќе ви дадеме неколку упатства и совети во однос на самиот дел од коловозот каде што се изведуваат работни активности, за работниците и за ситуациите со кои може да се соочите.

Бидете трпеливи со работниците. Особено бидете внимателни и трпеливи со оние кои ги држат знаците (или знаменцата) со кои ви кажуваат дали да застанете или да ја намалите брзината додека го поминувате делот во кој се извршуваат градежните работи. Во текот на денот, тие пропуштаат толку многу возачи низ градежната зона и ако се случи вие да сте прво возило кое ќе го запрат да ги пропушти да поминатвозилата од спротивен правец, ве молиме, бидете трпеливи со нив. Не се работи за личен „напад“ врз вас. За многу кратко време ќе дојде и вашиот ред и вие ќе го поминете тој дел, исто како и останатите возачи.

Секогаш внимателно гледајте ги и однесувајте се кога ќе наидете на црвено-белите знаци или евентуално на конусите кои се поставени на патот. Тоа се привремено поставени знаци, а нивната порака е важна и вредна за сечие внимание.

Намалување на брзината придонесува навремено да забележите, да размислите како да постапите или навремено да одговорите на дадена ситуација за да се заштитите вие, работниците кои се движат по крајот на патот, или пак, доколку активностите сеизведуваат во градска средина, пешаците на кои просторот за движење им е одземен со градежните активности и мораат да се движат по коловозот.

Бидете крајно внимателни и сконцентрирани. Намалете го гласот на радиото, телефонот ставете го на беззвучно, одбегнете да јадете, пиете кафе или да си ја поправате шминката додека сте во сообраќај во зона „работа на патот“.

Бидете внимателни со останатите учесници во сообраќајот. Во вакви ситуации и велосипедистите немаат каде да се движат, освен во вашата коловозна лента. Бидете љубезни и со нив. Не им свирете, не им се „лепете“ со возилото за да ги натерате да возат побрзо. Како и да е, тие не можат да бидат брзи колку вие со вашето возило. Напротив, можете само да ги исплашите и да ги доведете во ситација да се збунат, да се излизгаат на земјата и песокот кои ги има секаде каде што се работи и да се направи поголема беља.

Бидете спремни дека некогаш ќе мора да го делите коловозот со механизацијата која ги изведува работите на патот. Бидете крајно внимателни кога се движите во нивна близина бидејќи се работи за големи и габаритни машини, па не е исклучена можноста да направите лоша проценка за место или тие поради лош агол (мртов агол) да не ве забележат на време.

Став на РСБСП е: Да настојувате да поминете безбедно е подобро, отколку да настојувате да поминете побрзо. Колку повеќе се брзате, толку понервозни ќе бидете.

 

Воедно, нашата порака, до сите учесници во сообраќајот, гласи: секогаш почитувајте ја патната сигнализација и водете се по неа, а чувството за одговорносткога минувате низ градежна зона  нека ви биде на највисоко ниво

 
 
30.05.2016 - 09:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега