Странските компании градат нови капацитети - се отвараат нови работни места

Странските компании не се откажуваат од инвестициите во Македонија. Иако политичката криза негативно влијае врз бизнисот, сепак компаниите се оптимисти. Странските компании присутни во земјава веќе планираат инвестиции во нови капацитети и отворање нови работни места, пишува Лидер.

Дополнителен фактор за ваквото мислење е последната анкета на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, во која се истакнува дека повеќе од половина од странските компании и покрај лошата политичка состојба повторно би инвестирале во земјава.

-Оние кои се веќе присутни во технолошко индустриските развојни зони, акде што еве на пример ќе го земеме Ван Хул, иако ја чувствува политичката криза тој сепак вложува и со тоа практично го занемарува фактот на она што се случува во земјава. 84 % од компаниите кои веќе инвестирале би го направиле повторно тоа. Кога компаниите беа прашани од што најмногу се задоволни, тие истакнаа од работната сила, истакна Штефан Петер, претседател на Совет на странски инвеститори.

Во Советот на странски инвеститори членуваат 118 странски компании од 30 држави кои вработуваат над 50 илјади луѓе во Македонија. Плановите им се амбициозни и покрај политичката криза.

Странските инвеститори значително ја менуваат структурата на извозот

Наместо суровини и полупроизводи, Македонија денеска извезува и опрема, машини, автобуси. Воведувањето на нови технологии и помага на целокупната економија, а соработката со домашните компании од ден на ден е се поголема. Во моментов 500 македонски фирми им се кооперанти и добавувачи на странските фабрики, а склучените зделки се бројат во над 50 милиони евра.

Откако ќе дојдат странските инвеститори да им ги покажеме условите за стопанисување, но и на линиите до кој може да дојдат дали за решавање на нивните проблеми, но секако да се вмрежат едни со други, а што е и најактуелно да ги вмрежиме со македонските компании бидејќи во тој ланец на добавувачи помеѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ констатира Јелисавета Ѓорѓиева, Стопанска комора на Р. М

Три странски инвестиции за период од една недела ги стартуваа своите инвестициски активности во земјава

Со работа стартуваше холандската компанија Симфони Солушн инвестиција во ИТ секторот, која најави нови 200 вработувања од ИТ секторот, белгиската компанија Ван Хул започна со градба на втората фабрика за автобуси. Инвестицијата е во вредност од 17 милиони евра, а ќе се реализира во три фази. Ќе произведуваат автобуси за европскиот пазар. Во новиот капацитет се предвидени 450 директни и околу 100 индиректни вработувања. Во Технолошко индустриската развојна зона во Струмица почна со градба третата компанија на Џонсон Контролс. Во фабриката ќе се произведуваат делови за навлаки за автомобилски седишта наменети за европскиот пазар. Оваа инвестиција според претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски е од огромно значење за струмичкиот регион.

-Ова е многу значајна инвестиција за Струмица, прва од ваков поголем вид, долго работевме на неа како економски тим во Владата. Минатата година ја ветив тука во Струмица и сега почнува реализацијата на делот што е „гринфилд“, односно на изградба на нова фабрика. Треба да се вработат 1.500 луѓе како директни вработувања, плус поголем број на луѓе како индиректни вработувања, изјави за Телевизија Нова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Според надлежните, влезот на новите компании е доказ дека инвестициите продолжуваат и во услови на тешка политика криза. Според плановите компаниите ќе отворат над 2 200 нови работни места.

Изминативе 10 години збирно во Македонија како странски инвестиции се вложени 2,6 милијарди евра. За тој период се донесени вкупно 49 гринфилд инвестиции, како и стотици помали и беа креирани над 17 илјади нови работни места. Според директорот на ТИРЗ Мизо, странските инвестиции се позитивен сигнал за Македонија

-Во моментов во Бунарџик освен „Ван Хол“ се градат две други фабрики, „Хај Тек“ и „Гес“, потоа во Штип, „Кондево“ го завршува производствениот капацитет, што значи дека ќе бидат целосно завршени за два месеци, вели Мизо.

Со сегашните проекции од самите инвеститори, вкупни директни вработувања во странските инвестиции во наредните 2-3 години ќе достигнат 34.000.

Извозот од ТИРЗ урива рекорди!

Извозот од технолошко – индустриските развојни зони урива рекорди. Во првите четири месеци од годинава е зголемен за 30,4 проценти споредено со 2015 година.

-Извозот надмина 565 милиони евра што значи дека разликата меѓу извозот и увозот е над 130 милиони евра за првите четири месеци од годинава, вели првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

Странските директни инвестиции целосно ја променија структурата на македонскиот извоз. Размената стана поизбалансирана, земјава кон странство испорачува производи со повисока додадена вредност. Покриеноста веќе достигна 72,5% во првиот квартал.

 
 
06.06.2016 - 09:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега