Фирмите во Македонија плаќаат најниски давачки - стимул за стопанството

Ниските даноци во Македонија претставуваат стимул за стопанството и во време на политичка криза. Фирмите во земјава плаќаат најниски давачки, државата зафаќа малку пари од нивната заработка, што претставува директна помош за бизнисот од стотици милиони евра годишно. Македонската економија покажува дека е жилава, политиките се правилно поставени, Владата е во партнерски однос со приватниот сектор, пишува Лидер.

-Ако ефективната даночна стапка, кое е зафаќањето на државата преку даноците од профитот на фирмите, во 2005 и 2006 година изнесувала околу 40 отсто, денес таа е пет пати помала. Значи, денес државата пет пати помалку зафаќа од заработката на компаниите. Тие средства остануваат на фирмите самите да одлучат како ќе ги распределат и како ќе ги инвестираат, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Олеснувањето на даночниот товар претставува голема помош за компаниите, бидејќи им се подобрува ликвидноста, а охрабрува и фактот што во една ваква политичка криза властите покажаа чувство за бизнис и не отстапија од својата зацртана политика. Ниските даноци се основа за развој на приватниот сектор.

-Ние ја поддржуваме политиката на ниски даноци бидејќи овозможува компаниите да ја подобрат тековната ликвидност, да преземаат развојни и инвестициски активности, со што придонесуваат за зголемување на економскиот раст и за намалување на невработеноста во земјата, оценува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Економистите објаснуваат дека ниските даноци го стимулираат бизнисот, ја намалуваат сивата економија и позитивно влијаат на конкурентноста на македонското стопанство, иако сега, најголемата закана за бизнисот доаѓа од политичката криза.

-Главен канал преку кој политичката криза влијае врз економскиот раст е неизвесноста кај економските субјекти која се одразува врз донесување тековни одлуки за инвестиции, потрошувачка, капитални текови, дури и врз побарувачката за работна сила. Дел од економските активности во Македонија се поттикнуваат преку државни политики, како што се мерките за привлекување странски инвестиции преку субвенционирање, мерките за вработување, зголемувањето на пензиите, субвенционирањето во земјоделството, поттикнувањето на градежништвото и сл. Дополнително, досегашната политика за поттикнување на растот е базирана на ниски и рамни даноци. Оттука, бизнис секторот, странските инвеститори, странските кредитори, но и населението се директно засегнати страни од неизвесноста на целокупното окружување и нивните одлуки се директно зависни од политиките кои ги засегаат, оцени неодамна Благица Петрески, главен економист и извршен директор во институтот Finance Think.

„Бизнис инсајдер“ – Македонија со најниски даноци

Неодамна „Бизнис инсајдер“ ја рангираше Македонија на прво место меѓу државите со најниски даноци во светот! Според „Бизнис инсајдер“, Македонија е единствена земја во светот со општа даночна стапка на бизнисот пониска од 10 проценти.

Пресметката покажала дека просечната даночна стапка во земјава од 7,4 проценти е најниска на глобално ниво. Просечната даночна стапка е збир од данокот на добивка, социјалните придонеси, даноците на труд кои ги плаќаат фирмите, данокот на имот и други такси и даноци.

Листата беше изготвена врз основа на последното рангирање за глобална конкурентност на Светскиот економски форум и пресметката за вкупно даночно ниво од Светска Банка.

-Фирмите во Македонија знаат дека имаат потпора во оваа Влада во секое време. Кога имаше потреба да се подобри ликвидноста на фирмите обезбедивме евтина кредитна линија од 350 милиони евра за мали и средни претпријатија. Издвојувавме и издвојуваме значајни суми за капитални инвестиции, кои значат работа за фирмите. Добрите економски резултати на македонската економија, односно четврти најдобар економски резултат за 2015-та година во Европа во услови на политичка криза не се феномен, туку производ на добро поставените економски политики кои се практикуваат во земјава последниве десет години, смета вицепремиерот Ставрески.

Ниските даноци нотирани од Светска банка

Ниските даноци, олеснетите процедури за отпочнување бизнис и добрата деловна клима се главните „виновници“ што Македонија е највисоко рангирана економија од регионот во последниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Вкупниот резултат е 12-та глобално рангирана од 189 економии во светот и 6-та во Европа.

-Земјата сега е втора најдобро рангирана глобално во областа на започнување бизнис, се наведува во Извештајот.

-Во периодот 2006-2015 година неколкукратно се намалени и царините на барање на бизнис-заедницата. Ова придонесе за намалување на ефективната царинска стапка на 1,75 отсто, што е една од најниските во регионот. Денес фирмите врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци остваруваат заштеди во износ од над 10 милиони евра годишно, вели Ставрески.

Ниските даноци – мамка за странските инвестиции

Даночните стапки се еден од клучните елементи кои го привлекуваат вниманието на странските инвеститори кога бираат место за проширување на своите бизниси. Македонија во изминатиов период, како резултат на даночната политика, се наметна на инвестициската мапа. И покрај политичката криза се потпишуваат договори со нови компании, во  тек е изградба на неколку фабрики, постојните инвеститори ги прошируваат капацитетите.

Последното истражување покажа дека странските инвеститори се задоволни од деловното работење во Македонија. 84 проценти од нив повторно би инвестирале во земјава доколку за тоа имаат можност – соопшти Советот на странски инвеститори.

-Ако политичкото опкружување се стабилизира побрзо, тогаш, не само што ќе се привлечат нови инвестиции, туку ќе им се помогне и на сегашните, постојните, да ги прошират своите деловни активности, рече претседателот на Советот, Штефан Петер.

 
 
08.06.2016 - 08:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега