Попоски: На Грција се и смета - можеби бојата на мојата вратоврска утре ќе биде причина за блокада

Последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц е добра основа за наоѓање решение за спорот за името со Грција, но Атина не сака официјално да одговори на него, тврди во разговор за Франкфуртер алгемајне цајтунг, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

- Имаше и други предлози, како Република Македонија - Скопје, кое ние го понудивме да го ставиме на референдум пред граѓаните, но Грција и тоа го одби. Оттука не може да се каже дека и двете страни се еднакво заинтересирани за решавање на спорот, оценува Попоски.

- Грција не’ блокираше уште пред да биде преименуван аеродромот и пред да се изгради споменикот. Грците постојано изнаоѓаат изговори за да не блокираат. Можеби за некој ден тоа ќе биде и бојата на мојата вратоврска, вели Попоски.

Шефот на македонската дипломатија понатаму ја отфрла и тезата на новинарот дека „националистичката политика не придонесува за заедништвото во земјата, и ги отуѓува етничките Албанци“.

- Македонските граѓани, поради грчката блокада, имаат чувство дека кон нив се постапува нефер, недемократски и неправедно. Интеграцијата во ЕУ и НАТО нам ќе ни овозможи да се концентрираме на најважните задачи, како што е економијата, внатрешниот пазар и интеграцијата. Кога тоа недостасува, тогаш на површина излегуваат сите можни разлики од културен, етнички или верски карактер. Постојат луѓе кои се обидуваат да го искористат тоа, вели Попоски.

Прифаќа дека настаните од 24 декември во Собранието не биле добри за демократијата во земјата, но тоа го објаснува со процесот на учење.

- Не бев горд на тоа како некои пратеници се однесуваа за време на тие настани. Но, тоа е процес на учење. Ние сме млада демократија. Мораме повеќе да сториме за да изградиме една култура на почитување на различното мислење и на различните култури. Охрабрувачки е тоа што ние успеавме за кратко време, во демократски дух да дебатираме за различните позиции. Тоа го препозна и Европската комисија и затоа петта година по ред ни го потврди статусот на земја-кандидат“, вели Попоски за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

ФОТО: Дневник

најчитано сега