Македонија со највисок економски раст во регионот и во време на длабока политичка криза

И во време на голема политичка криза, Македонија ќе испорача највисок економски раст во регионот – проценува Светска банка. Банкарите од Вашингтон ги зголемија прогнозите за земјава за 0,3% во однос на јануарските очекувања, на 3,7% раст на БДП во 2016-та година. Домашните стопанственици велат дека Светска банка го препознала потенцијалот на македонската економија, веруваат дека ќе ги исполнат проекциите, пишува Лидер.

-Динамиката во инфраструктурата се одвива согласно планираното, очекуваме да продолжат капиталните инвестиции, бидејќи тие активираат повеќе сектори, особено градежништвото, сектор што како мултипликатор повлекува и други сектори кои ќе придонесат за раст на економијата, вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Економскиот раст во следните две години треба да се зголеми на 4 проценти, што сугерира дека македонската економија и покрај политичката криза е во стабилна состојба, со добро поставени политики, а тоа кај граѓаните влева надеж и реални очекувања за нови работни места и за повисок стандард.

-Ова е резултат на економските политики и реформи кои ги спроведува Владата на Македонија. Сите индикатори и меѓународни институции укажуваат дека тие се правилно поставени и дека даваат ефекти. Очекуваме и понатаму, барем во овој дел на светот, да останеме лидери според економскиот раст. Јас се надевам дека со завршување на политичката криза и со организирање на следните избори ќе се врати уште поголем спокој кај граѓаните и кај инвеститорите и ќе продолжиме со оние стапки кои што ги имавме пред кризата, што ќе значи подобар живот за сите граѓани и компании во Македонија, оценува вицепремиерот Пешевски.

Народна банка: Солиден економски раст

Народната банка на последната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика констатираше дека економските фундаменти се здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. Според НБРМ, сите досегашни, расположливи макроекономски показатели упатуваат на солиден економски раст, што во еден дел е поддржан и од кредитната активност на банките.

-Базичната инфлација и понатаму се движи во зоната на умерени позитивни годишни промени. Во надворешниот сектор, дефицитот во тековната сметка и натаму е умерен, со позитивни преносни ефекти од структурните промени во извозниот сектор и стеснетиот енергетски дефицит, а надворешните финансиски приливи и понатаму се солидни. И покрај интервенциите на девизниот пазар, сите показатели за резервите покажуваат нивно соодветно ниво, што е доволно за справување со шокови, соопшти Банката.

НБРМ во повеќе наврати предупредуваше дека домашните политички ризици неповолно се одразуваат врз економските остварувања, па оттука се и двете сценарија на централната банка: основното кое предвидува економски раст од 3,5% (блиску до прогнозата на Светска банка) и алтернативното сценарио со проектирана позитива од 1,6%.

Индустријата продолжува да испорачува раст!

Државниот завод за статистика измери дека во првите четири месеци од годинава растот на индустријата изнесува 8,7 проценти во однос на истиот месец лани. Значително придвижување е регистрирано во производство на прехранбени производи, пијалаци, облека, како и во делот на машини и уреди, моторни возила и електрична опрема. Позитивата кај индустриското производство е добра, иако претходно земјава бележеше и двоцифрени стапки, што укажува дека политичката криза го зема данокот, односно не дозволува економијата целосно да го оствари својот потенцијал.

Македонија се враќа на високите стапки на раст

Ако се анализира БДП низ последните 15 години, 2001-та беше најслаба за домашната економија, како резултат на воениот конфликт. Се потрошија многу пари и време на санација, а и следните години не беше лесно.

Следните две години, последни од владеењето на СДСМ, регистрирани се повисоки стапки од 4,6% во 2004-та и 4,4% во 2005-та, за потоа да дојдат трите „златни“ години на домашната економија под капата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја стабилизира македонската економија и во време на најголемата светска финансиска криза, со обемни пакети антикризни мерки, со евтини кредити, со навремена помош за фирмите, со низа мерки за подобрување на ликвидноста во првиот сектор, за постепено да дојдеме до раст од околу 3% во следните три години. Лани, Македонија имаше раст од 3,7%, што во услови на тешка политичка криза е и повеќе од солиден резултат. Растот беше движен од градежништвото, сектор што „изѕида“ позитива од 16,8%.

-Добрите економски резултати на македонската економија во услови на политичка криза која трае веќе една година не се феномен, туку производ на добро поставените економски политики кои се практикуваат во земјава последниве десет години. Прво, во Македонија е создадена одлична бизнис клима за фирмите. Македонија е 12-та најдобра дестинација во светот за водење бизнис во конкуренција од 189 земји според реномираниот извештај Doing Business 2016 на Светска банка и ИФЦ. Тоа е подобрување од 82 места во однос на 2006 година кога бевме на 94 место. Македонија има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа и е подобро рангирана од 24 земји членки на ЕУ, односно на шесто место во Европа. Преку регулаторните реформи и реформите за подобрување на бизнис-климата значително се намалени административните процедури и поедноставени се постапките за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности. Со тоа директно им се помага на фирмите во насока на намалување на трошоците и времето потребно за работење. Второ, фирмите во Македонија плаќаат најниски даноци во Европа, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Груевски: Политичка стабилност за силна економија

Светска банка нотираше дека лани Македонија била со еден од најдобрите резултати во регионот на Западен Балкан, а јунските проекции предвидуваат дека и во следниот период ќе испорача најдобри резултати.  Според ВМРО-ДПМНЕ, потребно е да се стави крај на политичката криза, предизвикана од СДСМ, за земјава да се врати на високите стапки на раст, на политиките за привлекување нови инвестиции, на стабилност за домашните фирми, за отворање нови работни места.

-Економските резултати кои ги постигна Македонија се меѓу најдобрите во регионот, а тие резултати беа поткопани од опозицијата преку кризната ситуација. Потребна ни е стабилност за привлекување странски инвестиции и за создавање нови работни места, за инвестирање во училишта, патишта и болници, за членство во ЕУ и во НАТО. Опозицијата гледа поинаква Македонија, ја гледаат Македонија во постојана криза. Ние се бориме да заврши кризата, СДСМ се бори да ја пролонгира, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

 
 
10.06.2016 - 08:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега