Расправата за предлогот за импичмент на Иванов продолжува утре

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 105. седница втор ден расправаше за предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, поднесена од пратениците од опозицијата. 

Пратениците од власта го повторија ставот дека претседателот Иванов со дадената аболиција не го прекршил Уставот и законите на државата и има најголема доверба од граѓаните.

Марјанчо Николов од СДСМ изрази незадоволство поради тоа што Иванов не е присутен во Собранието. Според него, Иванов со аболицијата го нарушил сопствениот углед, ја урнал институцијата претседател и правната држава во Република Македонија и ги поткопал темелните вредности од Уставот, како што се владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред органите. 

Додаде дека Иванов со аболицијата ги разбуди граѓаните, кои, како што рече, сакаат правда, слобода и демократија.

Пратеничката Јасминка Дамческа од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Николов не изнесува ништо суштинско и законски издржано.

- Го напаѓате Иванов зошто има цврсти ставови, цврсто гази и ја застапува и претставува Република Македонија во вистинско светло, како дома, така и надвор, рече Дамческа.

Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека претседателот Иванов не го прекршил законот и Уставот на Република Македонија.

- Иванов е човекот кој е најзаслужен за справување со мигрантската криза во изминатиот период. Ако не беше Иванов, Македонија денес ќе беше преплавена со бегалци. Сите меѓународни фактори му дадоа на Иванов јавно признание за улогата во справување со бегалската криза, рече Лашкоска. 

Пратениците од опозицијата во текот на расправата побараа правна, законска и политичка одговорност на Иванов за неговите постапки. 

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за утре во 12 часот најави одржување на 106. седница. По нејзиното завршување пратениците ќе ја продолжат расправата по 105. седница.

 
 
14.06.2016 - 18:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега