Шчербак: Решението за кризата треба да биде од внатре и во рамки на институциите

Решението за кризата во Македонија треба да биде најдено од нејзините граѓани во рамките на постоечкиот правен систем и на демократските институции. Зацврстување на мирот и на стабилноста во регионот е незамисливо без самостојна, суверена и просперитетна Македонија, порача рускиот амбасадор Олег Шчербак во своето обраќање на синоќешниот прием во Скопје по повод националниот празник - Денот на Русија. 

- Искрено ѝ посакуваме на пријателска Македонија која сега поминува низ тежок период, што е можно поскоро да ги надмине политичките проблеми со кои мораше да се соочи. Убедени сме дека народот на Македонија со неговите славни традиции на борба за својата национална независност нема да дозволи земјата да биде втурната во хаос, да бидат урнати темелите на нејзината државност и на внатрешната стабилност. Сметаме дека решение на кризата треба да биде најдено од самите граѓани на Македонија во рамките на постоечкиот правен систем и на демократските институции. Би сакал да истакнам дека зацврстување на мирот и на стабилноста во регионот е незамисливо без самостојна, суверена и просперитетна Македонија, рече Шчербак.

Во присуство на министри во Владата, претставници на институции, НВО, бизнис заедницата, на верските заедници, дипломатскиот кор, како и на припадници на руската заедница во земјава амбасадорот Шчербак подвлече дека Русија е отворена за партнерство врз принципите на заемно почитување и за рамноправна соработка со сите земји меѓу кои е и Република Македонија.

- Поаѓаме од тоа дека руско-македонските односи се надвор од политичката конјунктура, тие се темелат врз тесните врски на пријателство и духовно сродство кои низ вековите ги поврзуваат нашите народи. По изминатите пет години мојата работа во својство на Амбасадорот на Русија со задоволство истакнувам дека нашата соработка динамично се унапредува и поседува голем потенцијал за натамошен раст,, нагласи Шчербак.

Тој напомна дека Москва јасно ги дефинира своите национални интереси и стратешки приоритети, а тоа е стремежот сите граѓани во Русија да живеат и работат комфорно, глобално да се утврдат принципите на владеење на правото, рамнотежа на интересите и еднаква безбедност за сите држави – големи и мали, со настојување, вели, меѓународната заедница да се обедини во борба против реални, а не измислени предизвици и закани.

На свеченоста тој и врачи признание во име на министерот за надворешни работи,  Сергеј Лавров на Даринка Крстанова за нејзината досегашна повеќегодишна и плодотворна работа на функцијата почесен конзул на Русија во Битола и го претстави новиот почесен конзул, Сергеј Самсоненко, а присуствуваше и неодамна назначениот прв почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, професор доктор Велимир Стојковски. 

 

 
 
15.06.2016 - 13:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега