Расте кредитирањето на населението - паѓа кај фирмите

Финансискиот сектор останува стабилен. Централната банка забележува дека има позитивни остварувања во речиси сите дејности, но со побавно темпо. Во изминатите два месеца, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво. Податоците на Народната банка на Република Македонија за мај и април годинава покажаа раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор, информираат од НБРМ, пишува Лидер.

-Стагнацијата на кредитите во еден дел веројатно е реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база, но во еден дел и одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, согласно со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015 година, велат од Централната банка.

И во првиот квартал од годинава кредитниот пазар забележа забавување на растот на активноста, што според Централната банка е вообичаено движење за овој период. По силниот прираст на корпоративните кредити во последниот квартал од минатата година, во првото тримесечје на 2016 година нивното ниво умерено се намали. Од друга страна, финансиската поддршка на населението преку кредитите од банкарскиот систем се зголеми и во текот на првиот квартал.

Според податоците на НБРМ, кредитната активност во првиот квартал од годинава растеше, но побавно. Кварталната стапка на раст на вкупните кредити на приватниот сектор изнесува 0,1% на крајот на март, во споредба со остварената стапка од 4,2% на крајот од декември 2015 година.

Ваквото кредитно воздржување на банките е вообичаено за овој период од годината, велат банкарите. Согласно со резултатите од последната Анкета за кредитната  активност, забавувањето на кредитната активност соодветствува со значително послабиот раст на побарувачката на корпоративни кредити и кредити на домаќинствата.

Ако се анализира подетално, кредитирањето се однесува најмногу на денарските кредити и кредитите на домаќинствата. Од друга страна, кредитирањето во девизи и кредитите на претпријатијата забележаа пад.

Политичките случувања влијаат на економската активност

После шокот во април, девизниот сектор се стабилизира. Од НБРМ велат дека затегнувањето на монетарната политика е доволна реакција за притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, предизвикани од домашни фактори од неекономски карактер. Нагласуваат дека има видливи знаци на стабилизирање на очекувањата и на довербата на економските субјекти.

По растот на БДП од 2 процента во првиот квартал, Банката предупредува дека политичките случувања ја зголемуваат неизвесноста околу економската активност во вториот квартал.

Неизвесниот домашен амбиент се одрази и врз депозитната база на банките, којашто во април забележа значителен пад од 2,2 % на месечна основа, речиси подеднакво распределен помеѓу депозитите на корпоративниот сектор и депозитите на домаќинствата. Првичните податоци за мај покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти.

Последните податоци за девизните резерви, заклучно со средината на јуни, покажуваат квартално намалување. Главен фактор за намалувањето на девизните резерви во овој период се интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, како реакција на зголемената побарувачка за девизи, во услови на нестабилен политички амбиент. Од 19. април до 23. мај, НБРМ интервенира на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот меѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс. Во мај, мерките на Народната банка за справување со шпекулациите околу стабилноста на курсот на денарот придонесоа за постојан пад на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното преткризно ниво. Во такви околности, побарувачката на девизи од физичките лица во мај беше пониска за околу 30% од вкупната побарувачка за април.

Анализата на сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се движат во сигурната зона.

 
 
17.06.2016 - 10:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега