Миноски: Кризата има големо влијание - неопходен е ребаланс на буџетот

Неизвесноста во политичката ситуација сигурно ќе има ефект врз економијата и економската активност, поради што ќе се прекрои и државната каса.

Ова го истакнува министерот за финансии Кирил Миноски во итервју за МИА во кое вели дека фирмите се воздржуваат од инвестиции, граѓаните од потрошувачка на трајни добра, банките се попрудентни при давањето кредити.

- Во првиот квартал, и покрај солидната градежна активност, има намалување на бруто-инвестициите. Таа претпазливост во очи на политичката неизвесност може да придонесе за помал економски раст од очекуваното. Минатата и на почетокот на оваа година имавме високи стапки на раст на индустриското производство, но во април, иако позитивен, растот на индустријата забави. Позитивен момент е што извозот продолжува да расте со солидни стапки на раст, благодарение на извозот од слободните економски зони, вели Миноски.

Тој додаде дека целта на Владата е да обезбедат ликвидност на приватниот сектор преку редовна исплата на платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош, како и задржување соодветно ниво на капитални расходи за да се поддржи економскиот раст.

Тој во интервјуто со оглед на политичката ситуација најавува дека треба да се направат корекции во државната каса.

- И покрај здраво поставените економски политики, политичката криза почна да ги дава резултатите. Поради тоа треба да се направат корекции во државната каса и ние тоа ќе го направиме. Ребалансот ќе биде одговор на ефектите од политичката криза, односно реакција на забавувањето на растот преку поддршка на приватната потрошувачка и јавните инвестиции. Капиталните инвестиции остануваат на високо ниво, повисоко од минатата година. Продолжуваме со спроведување на крупните инфраструктурни проекти. Продолжуваме со изградба на автопатишта, на регионални патишта, локални патишта, со реконструкција на железницата, со изградба на училишта, болници, истакнува Миноски.

Тој додава дека согласно веќе воспоставената практика, како и секоја година и оваа ќе се реализираат најавените покачувања на социјалната помош во јули и пензиите во септември.

За тоа дали ќе се издава нова еврообврзница, министерот вели дека со оглед на коригираните проекции за раст и пролонгирањето на политичката криза во земјава Владата му даде мандат на Министерството за финансии да го истражи пазарот за издавање еврообврзница и оти во следниот период тим од Министерството за финансии ќе го истражи пазарот и доколку се создадат поволни услови, би се издала еврообврзница.

- Внимателно ги следиме случувањата на светските пазари на хартии од вредност, во контекст на референдумското одлучување на граѓаните на Велика Британија за излез од Европската Унија. Исходот од референдумот ќе има директно влијание врз движењата на меѓународниот пазар на капитал, рече Миноски.

Тој додаде дека на еврообврзницата може да се гледа како на банкарска гаранција во Народна банка која ќе обезбеди сигурност доколку политичката криза се пролонгира.

- Со внесот на свеж капитал во земјата, освен гаранција за макроекономска стабилност, ќе се придонесе и за придвижување на економијата која е под влијание на политичката криза. Влезот на странски капитал ќе придонесе за намалување на задолжувањето на домашен пазар, што ќе ја зголеми сумата за кредитирање и ќе поттикне инвестиции кај домашните фирми. Од друга страна ќе влијае и на зголемување на приватната потрошувачка. Сето тоа ќе резултира со раздвижување на економската активност и поголем економски раст, истакнува министерот за финансии Кирил Миноски во интервју за МИА

 
 
24.06.2016 - 12:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега