Средба Милошоски-Дингисиан: Потврдени добрите македонско-шведски билатерални односи

 

Потпретседателите на Парламентите на Македонија и на Шведска Антонио Милошоски и Изабел Дингисиан денеска уште еднаш ги потврдија добрите билатерални односи меѓу двете земји и шведската поддршка за македонските евроинтеграции. Теми на средбата во Скопје биле и политичката криза во земјата мигрантската криза, родовата рамноправност...

Милошоски на прес-конференција рече дека во овие моменти на политичка криза на Македонија и е потребна дури и поголема поддршка и оти политичката криза не треба да биде изговор за добегнување на темата Македонија туку мотив повеќе Македонија да биде тема на разговори и на одредени пораки и поддршка која што моќе да ја добиеме.

- Мое мислење е дека доколку има добра политилка волја може да се стигне до договор. Договорот не треба да биде замислен како инструмент за борба за власт, туку да биде замислен како алатка за нормализирање на ситуацијата во која што не политичарите туку граѓаните ќе го имаат главниот збор, рече Милошоски. 

Посетата на Дингисиан ја оцени како, како што рече, едно внимание од Шведска, која е докажан пријател на Македонија, во моменти кога политика криза доминира како тема во нашата земја.

 Шведска, според Милошоски, е докажан поддржувач на европските интеграции на Република Македонија. 

 - Добро е да се истакне дека Шведска има позитивен став по однос на евроинтеграциите и дека тој став е сепартиски. Поддршката за евринтеграциите на Македонија е стабилна и конкретна. Цениме дека во овој момент најмногу ни е потребна, рече потпретседателот на македонскиот Парламент.

 Во однос на мигрантската и бегалската криза, Милошоски го повторил ставот дека сите земји во Европа, вклулувајќи и кандидатите за Унијата, се упатени на должна заедничка меѓусебна соработка, потенцирајќи дека така може многу подобро да се менаџира евентуална нова мигратска криза имајќи ја предвид состојбата во Сирија и Ирак.

 За радовата рамноправност, за која денеска во Парламентот ќе зборува гостинката од Шведска, рече дека Македонија има многу направено особено во застапеноста во Собранието, во правосудството, но и во други сектори, но оти може да ги следи шведските искуства. 

 Заменик- претседател на шведскиот Парламент Дингисиан истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се на добро ниво и оти останува поддршката на Стокхолм за македонските евроинтеграции. 

 - Шведска е отворена земја и ние сме свесни дека е потребна таква соработка во светот. Билатералната соработка меѓу Македонија и Шведска е на навистина добро ниво. Ние сме навистина позитивни во однос на македонската евроинтеграција и имаме надеж дека Македонија ќе биде успешна во тој процес, рече Дингисиан. 

 Една од темите на која работи Дингисиан во Парламентот е родовата рамноправност.

 - Темата за која што ќе зборувам денеска во Парламентот е зголемување на родовата сензитивност. Тоа е особено важно бидејќи во историјата е докажано дека кога жените биле вклучени во Парламентот или во процесите на одлучување се споменувале повеќе прашањата за семејството, образованието...Ние сме тука за да се зголеми квалитативното присуство на жените и тие треба да бидат вклучени како дел од решението на сите можни предизвици кои што ќе се појават, а не подоцна да бидат додадени. Затоа и самите мажи треба да се вклучени во тие процеси, смета потпретседателката на шведскиот Парламент. 

 
 
18.07.2016 - 13:33
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега