Телеграф: ВИСОКО НАД КРИВА ПАЛАНКА: Елеонора има три години, три операции зад себе и чека шанса да живее (ФОТО)

Високо во ридовите над Крива Паланка, на само два километра од тромеѓето на границата меѓу Македонија, Србија и Бугарија, во селото Луке, едно мало девојче чека шанса да почне да живее.

Елеонора нема ни три години, а веќе преживеала три операции, откако по раѓање ѝ била дијагностицирана спида бифида, болест што предизвикала тежок телесен инвалидитет. Деформитетот на 'рбетниот столб ѝ ги свиткал стапалата навнатре и таа не може да стои.

Операциите не ја постигнале целта. Елеонора не може да се исправи на свои нозе, не може да оди како останатите деца на таа возраст.

Луке е планинско село, на околу дваесетина километри од Крива Паланка. До него води асфалтиран, но тесен пат, цел со кривини. Убава, но дива природа. Куќата во која живее Елеонора е на речиси највисоката точка на планината, на надморска височина од 1.200 метри. Асфалтот завршува на 2,5 километри пред домот на семејството Стојановски.

Таму е паркирана белата „лада нива“, погодна за овој терен. Потоа е црн пат, полн со камења и со дупки, толку стрмен што и во лето лесен автомобил едвај може да се искачи по него

Во зима, кога ќе стегнат снеговите, таткото Бобан на раце ги носи Елеонора и нејзината сестричка, петгодишната Мартина, неколку метри низ висок снег (каков што редовно паѓа во овој крај) за да стигне до селската кафеана и оттаму да ги однесе на лекар.

Колку што години има Елеонора, толку години трае и голготата да се најде лек за неа. Мајка ѝ ја покажува раната на 'рбетот, каде што била првата операција, неколку недели откако дошла на свет. Потоа ѝ била оперирана едната, па другата нога. Следувале физикални терапии, по што е постигнат мал напредок - девојчето почнало да се исправува. Но борбата допрва почнува бидејќи се потребни уште две-три операции и пари кои семејството ги нема, ниту некогаш ќе има без помош од добри луѓе.

Додека ги читаме резултатите од лекарите на неколку документи, Елеонора си игра со новите кукли и де се срами де заразно се смее. 

- Таа е многу бистро девојче. Сака да оди, да си игра со сестра ѝ, но не може да стане. Сака сè да види. Дома, надвор, по цел ден ја носам в раце. А расте, добива килограми, движењето со неа станува сè потешко - вели мајката.

Сумата од околу 5.000 евра, колку што им рекле дека би чинела операција и престој во приватна болница, е недостижна за таткото Бобан. Не работат ни тој ни сопругата. До пред повеќе од една година земале социјална помош од 1.800 денари. Државата им ја укинала кога таткото на Бобан починал и тој наследил дел од старата куќа. За системот тој има имот и не може да биде социјалец. Семејството преживува со додатокот за инвалидност што ѝ следува на Елеонора. Тоа се 4.300 денари месечно.

Ги прашуваме зошто не бараат операција на товар на државата, преку Фондот за здравство. Двајцата родители креваат раменици - за нив одењето по шалтери и комисии, особено во Скопје, е исто како на некој што цел живот живеел во голем град да му кажете да оди да молзе крави во село. Велат дека ниту знаат да подготват документација ниту има кој да им помогне. Покрај тоа, постапката ќе одземе дополнително време.

- Што правевме досега? Дојди еднаш во Скопје, нема никој од докторите. Дојди вторпат, рентгенот не работи. Па нè праќаат во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид. Нашата докторка ни кажа дека таа не се нафаќа да ја прави операцијата. Затоа сакаме Елеонора приватно да се оперира. Можеби некој ќе ме осуди, но верувајте, од маката што досега ја видов по болниците тоа е најбрзо и единствено решение. Ние време за губење веќе немаме. Детето расте и треба што побрзо да прооди. Колку одолжуваме, толку станува потешко и за неа и за нас, особено овде каде што живееме - вели таткото. 

Не само сиромаштијата, туку и природата како да е против нив. Едвај пристапниот терен до куќата е напорен и за возрасен човек, камоли за мало и болно дете. Колку пати ќе треба да се симнат од врвот на планината за да дојдат до Скопје и да собираат документи за операција? Не можат да платат карта за превоз ни на еден родител, а што со останатите трошоци? Од истите причини не се отворени ни броеви за донации. Може да се донира само на банкарска сметка.

Родителите побараа помош пред околу еден месец. Досега собрале околу 8.000 денари. Донирале текстилни работнички од конфекциите во Пробиштип, каде што живее бабата на Елеонора. Малку пари се собрале и од конфекциите во Крива Паланка. Гласот се шири од работничка на работничка, даваат која по колку може. Реалноста е дека со овие дела на добрина, и покрај нивната човечка големина, не може да се соберат пари за операција.

Таткото Бобан верува во добрината на луѓето. Истовремено и сам прави сè што може. Еден ден откако ги посетивме замина на работа во Германија. Ќе работи три месеци како градежен работник за да донесе дома некоја пара. Можеби ќе заработи за да се преселат во Крива Паланка, каде што сега не можат да платат кирија.

Можеби ако се преселат в година Мартина ќе тргне и на училиште, оти ако остане во Луке ќе нема кој да ја води наутро и да ја враќа навечер, по 2,5 километри, особено зиме, низ снег и волци. А можеби и државата ќе им додели социјален стан од оние што ги има за други во општината, ама ги нема за ова семејство?

 

За Елеонора можете да донирате на оваа сметка:

Жиро-сметка за донации: 210501675877876 – Бобан Стојановски
НЛБ Тутунска Банка

 

Извор и фото: Телеграф

 
 
25.07.2016 - 18:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега