Собранието расправа за ребалансот на буџетот

Собранието во рамки на 111. седница ја продолжи расправата за ребалансот на буџетот на Република Македонија за 2016 година. Расправата ќе продолжи утре. 

Опозицијата смета дека треба да се дебатира за еврообврзницата која, како што велат, е земена без мислење на Министерството за правда и вон законска процедура. 

Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, истакнаа дека неодговорната опозиција создаде политичка криза во последните две години, а еврообврзницата го покрива дефицитот за 2016 и за следната 2017 година. 

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека веќе две години Република Македонија е во длабока политичка криза и поради тоа, како што рече, се намалуваат личната и јавната потрошувачка, странските директни инвестиции, индустриското производство и генерално извозот.  Тој  апелираше до пратениците, во рамки на нивната моќ и ингеренции што ги имаат да влијаат политичката криза побрзо да заврши.

Според него, сите почнати капитални проекти треба да продолжат особено во делот инфраструктура, како што се автопатиштата Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Штип, Кичево-Охрид, гасоводот, поголемите регионални патишта, енергетските објекти кои се градат...

- Со овој ребаланс треба да се постигнат неколку главни цели - да се обезбедат дополнителни средства за социјални трансфери и за кредитни средства за навремено исплаќање на обврските, како на домашниот, така и на меѓународниот пазар, дополнителни средства за капитални објекти, за проектите од инфраструктурата и да се обезбедат средства за тековно функционирање на државата, рече Мукоски.

Осврнувајќи се на евробврзницата, Мукоски нагласи дека нејзиното земање е изведено по легитимен пат, согласно сите законски прописи и норми во Македонија. Ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека немало дозвола од Министерството за правда и оти таа не е земена во согласност со Законот за јавен долг.

На обвинувањата од опозицијата дека последните години ништо не е направено во Македонија, Мукоски рече дека е намалена невработеноста и додаде оти во моментов се градат автопати во должина од 171 километар. 

- Што е направено знаат граѓаните. Платите и пензиите се зголемени за над 80 отсто, потенцира Мукоски. 

Стефан Богоев од СДСМ рече дека власта ја презадолжила државата и оти затоа младите ја напуштиле Македонија. Според него, се кратат пари за инфраструктура, здравство, образование, земјоделство...

Министерот за финансии Кирил Миноски, реплицирајќи и на опозицијата, рече дека самиот факт што постои буџетски дефицит значи дека е неопходно да се обезбедат средства за негово финансирање. 

- Со оглед на тоа дека имаше озборување за тоа да се користат домашните банки и домашното задолжување, ние како Влада, согласно нашата фискална стратегија, решивме овие средства да ги обезбедиме на меѓународните финансиски пазари. Обезбедувањето на средствата на меѓународните финансиски пазари значи ослободување на дополнителни средства во банкарскиот сектор за финансирање на корпоративниот сектор. Тоа е една од причините заштоа беше избрано ова време за користење на еврообврзницата, рече Миноски и додаде оти постапката за нејзино издавање е целосно чиста.  

Тој информира дека планираат буџетскиот дефицит да го доведат под три отсто. Тоа, како што рече, јасно го говори и фискалната стратегија, а идејата е постепено да се оди кон фискална консолидација. 

- Во делот на економскиот развој, според нас главниот проблем во Македонија е јакнење на капацитетите на приватниот сектор, креирање производи и услуги кои ќе имаат повисока додадена вредност, кои се извозно ориентирани. Само на тој начин можеме да ја зголемиме на дологорочна основа даночната база од која ќе се зголеми приходната страна на буџетот, рече Миноски.

 
 
25.07.2016 - 20:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега