До крај на септември рокот за рефундација при набавка на автомобил за лицата со инвалидност

 

На 30 септември годинава истекува рокот за доставување барања до Меѓуопштиниските центри за социјална работа за рефундирање средства за набавка на патнички возила за лицата со инвалидитет.

Со програмата за рефундирање средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, лица со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица за 2016 година се обезбедени девет милиони денари.

Средствата кои се рефундираат нема да може да бидат повисоки од 180 илјади денари, појаснуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Струмица кои денеска се сретнаа со членовите на здружението „Мобилност“.

- Сакаме на заинтересираните да им ги предочиме условите кои може да ги искористат за да набават возило. И досега во просториите на нашиот Центар доаѓале и се интересирале лица за да се запознаат со деталите како може да го остварат ова право. Се надевам дека во планираниот рок ќе стигнат и апликации кои потоа ќе ги доставиме до соодветната комисија која треба да ги разгледува и да ги бодува, вели Ристо Стаменов од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Струмица.

Во Програмата која стапи на сила од јануари 2016 година, предвидено е рефундирање на парите до 50% за лица со најмалку 80% инвалидност, до 15% за лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост, како и за потполно глуво лице и 20% за потполно слепо лице со придружник.

Од Здружението „Мобилност“, Струмица, велат дека набавката на возило за нив значи многу, бидејќи за оваа категорија граѓани тоа претставува „ортопедско помагало“. Но, добивањето возачка дозвола е проблем со кој се соочуваат.

- Одредени лица мора да полагаат со приспособено возило со рачни команди или со автоматски менувач. Но, во Југоисточниот регион нема авто школа со вака прилагодено возило. Единствено има во Скопје, но за нас е неизводливо таму да ги земаме часовите од авто-школата. Затоа еве уште еден апел, иницијатива ако може нешто да се направи во оваа насока, вели Мери Туџарова од Здружението за граѓани „Мобилност“. 

 
 
03.08.2016 - 15:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега