Албанија подготвена да и помогне на Македонија

Албанскиот државен врв во свое и во име на албанскиот народ изрази длабоко сочуство до семејствата на настраданите во синоќешното невреме и искажа подготвеност да помогне во надминување на состојбите.

- Со голема болка и загриженост ги следиме трагичните случувања во Македонија. Подготвени сме за се што можеме, да им помогнеме на нашите браќа, сестри и соседи, напиша албанскиот премиер Еди Рама на својот фејсбук профил.

Претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета изјави дека со  голема загриженост ја следи состојбата во Македонија. - Длабоко сочуство и солидарност до сите погодени од невремето, посебно до семејствата на настраданите, и искрени молитви на толку да остане овој трагичен биланс. Од името на Парламентот до населението  во овие подрачја и властите во Македонија, во Скопје и Тетово, искажуваме солидарност и секогаш сме до граѓаните на Македонија, изјави Мета, додавајќи дека Парламентот ќе ја подржи секоја иницијатива на Владата во Тирана за помош. 

Сочувство изрази и шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

- Искажуваме целосна подготвеност за подршка на централните и локалните власти на Македонија за надминување на тешката ситуација, изјави Бушати.

Тој, како што соопшти, телефонски разговарал со неговиот македонски колега Никола Попоски, со вицепремиерот Арбр Адеми, како и со градоначалничката на Тетово Теута Арифи. 

 
 
07.08.2016 - 19:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа