Поднесени 58 барања за предадена оризова арпа во Кочани

Во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани, денеска до 15 часот се пријавиле 58 земјоделци оризопроизводители за добивање субвенција по основ на предадена оризова арпа во текот на јули од реколтата во 2015 година.

-Со примањето на апликациите од страна на земјоделците оризопроизводители кои за добивање субвенции по предаден килограм оризова арпа кај откупувачите започнавме од 1 август. За изминатите петнаесет дена до нашата Подрачна единица се поднесени вкупно 367 барања од кои само во текот на денешниот ден 58 барања, изјави Влатко Минов, советник во Министерството за земјоделство, шумарство и вдостопанство од Подрачна единица во  Кочани.

Интересот кај земјоделците за овој вид субвенција од Владата, истакнува Минов е мошне голем, за што зборува и зголемениот интерес од нивна страна, а и бројот на поднесени апликации за добивање субвенци.

Земјоделците во најголем дел ја подготвуваат документацијата со која аплицираат за добивање субвенција, која е трета по ред доделена од Владата за надминување на состојбите во оризопроизводството и откуп на оризовата арапа од страна на откупните претпријатија во регионот.

Земјоделците, истакнува Минов се добро информирани со новата мерка, со која  земјоделците кои имаат пријавено земјиште до два хектари на кое одгледуваат оризова арпа ќе добијат пет денари дополнителна субвенција за предаден килограм кај откупувачите. Земјоделците со земјиште од два до десет хектари имаат право на субвенција од четири денари за килограм, а производителите со пријавено земјиште над 10 хектари на кое одгледуваат ориз ќе добијат по три денари за килограм.

Одлуката арпата да биде предадена од 1 до 31 јули Владата ја донесе  со цел да се продадат количините останати од минатогодишната реколта. Пријавувањето и поднесувањето на документацијата за добивање на субвенции, за оризопроизводителите ќе важи  до крајот на август.

 
 
15.08.2016 - 16:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега