Битолскиот универзитет ги отвори вратите: Пријавени 1.090 кандидати
Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) го заврши првиот уписен рок за студенти бруцоши во наредната академска година кој се реализираше од 15. до 17. август.
- УКЛО вршеше упис на 11 високообразовни институции, каде беа понудени 50 студиски програми за 3.543 бруцоши. Реализацијата на овој дел од уписната кампања за сите заинтересирани кандидати се одвиваше непречено и заклучно со завршниот ден пријавени се 1.090 кандидати, истакна Елизабета Атанасоска, советник во секторот за ОСЈ при УКЛО-Битола.
Прелиминарната ранг листа од приот уписен рок за студенти во прва година ќе биде објавена на 22. август, а решенија за прием на кандидатите на 24. август.
- Запишувањето на примените студенти од првиот уписен рок ќе се реализира на 25. и 26. август. По завршувањето на уписите, УКЛО ќе ги објави слободните места на секоја единица за вториот уписен рок што ќе се реализира на 1. и 2. септември на кој право за упис имаат и кандидати со училишна матура и завршен испит. Износот за партиципација е 200 евра во државна квота, 100 евра зa дисперзираните студии и од 100 до 400 евра за кофинансирање и за вонредни студии, потврди Атанасоска.
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, доколку е потребно, ќе спроведе и трет уписен рок на 14. септември или на ден пред почетокот на новата академска година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа