Тешка сообраќајка во Штип- повреден мотоциклист
Тешко повреден е возач на мопед во сообраќајната несреќа што се случи во 14 часот на улицата Брегалничка во близина на штипската Млекарница.Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова информира дека во несреќата учествувале мопед и патничко моторно возило Голф.
Според првичните информации од увидот на несреќата и мопедот и автомобилот се движеле во ист правец при што дошло до судир. Во штипската Клиничка болница е хоспитализиран 56-годишниот возач на мопед и неговата 53-годишна сопатничка, кои се од штипската населба Три чешми. Лекарите веднаш им пружиле медицинска помош, возачот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди скршеница на десното колено, а неговата сопатничка е со лесни телесни повреди. Со патничкото моторно возило Голф управувал 29-годишен жител на карбинското село Оџалија.
Панајотова додава дека и синоќа во Кочани имало сообраќајна несреќа во која учесници се малолетен возач на мопед и паркирано товарно возило. Шеснаесетгодишниот малолетник кој управувал со мопедот и неговиот 12-годишен сопатник удриле во паркираното тешко товарно возило. И двајцата малолетници се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје и се во стабилна здравствена состојба. Од СВР-Штип апелираат возачите на мопеди да носат кациги со цел да се заштитат при незгодите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа