Петрушевски: Срамна пресуда за модуларната болница во Тетово

 

Судот денеска изрече срамни казни за тогашните директори на Клиничка болница Тетово, а за случајот во кој изгореа 14 лица во Модуларната болница во Тетово. По една година и шест месеци ефективна затворска казна за Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор во болницата. Замислете, правното лице Клиничка болница Тетово беше прогласено за виновно да плати околу 16-тина илјади евра, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ова се ниски, срамни, далеку од правото, посебно од правдата казни за случајот во кој изгореа 14 лица, а се случи во септември 2021 година во Тетово.

По ваква пресуда, рече Петрушевски, ни останува само едно, да ги повикаме надлежните, а воедно и да најавиме до сите вас, итни и неодложни реформи во правосудниот систем.

„Оваа пресуда е класичен пример дека правосудниот систем е под влијание на СДС и ДУИ, поточно да не ги ставаме сите во ист кош, тоа се поединци кои настапуваат по волјата на СДС и ДУИ, а не судат по правните норми. Сега пак, мора да ги повикаме надлежните да пристапат кон постапка за разрешување на оние кои се инволвирани во носењето на оваа срамна пресуда за Модуларната болница во Тетово. Воедно ја повикуваме Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа срамна пресуда“, рече Петрушевски.

Тој ги повика Филипче и Ахмети да се изјаснат зошто, како што рече, си поигруваат со судбината на граѓаните.

Тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи секаков израз на незадоволство од пресудата.

16.05.2025 - 18:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега